сабота, 27 јули 2024

ТИ: Македонија напреднала за девет места во перцепцијата за корупција ама Собранието значително го поткопало судството

Македонија напреднала за девет позиции на најновата листа на Транспаренси интернешнл, која што го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Според Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, Македонија се наоѓа на 76 место со 42 индексни поени, споредно со 2022 година кога беше на 85 место со 40 индексни поени.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава се наоѓа во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија и Тринидад и Тобаго.

Во Извештајот се нотира дека во септември 2023 година, Собранието на Македонија значително го поткопало судството.

„Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“, пишува во дел од Извештајот.

Македонија се наоѓа во регионот на Источна Европа и Централна Азија со 19 земји, чиј просечен скор е 35 индексни поени. Најдобро рангирани се Црна Гора – 46 индексни поени, Ерменија – 47 и Грузија – 53. Најлошо рангирани се Туркменистан – 18 индексни поени и Азербејџан со 23 индексни поени.

„Индексот дава вознемирувачка слика за регионот на Источна Европа и Централна Азија, област која, како што се вели во Извештајот за 2023 година, се бори со нефункционално владеење на правото, пораст на авторитаризам и системски корупцијата. Просечниот резултат од 35 поени од 100 го прави втор регион со најниски резултати во светот“, констатираат од Траснпаренси Интернешнл.

Од земјите во регионот најдобра, иако без промени во однос на минатата година е Хрватска која се наоѓа на 57 позиција. Најлошо рангирана, иако со напредок од еден индексен поен е Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 108 позиција. Грција има пад од три места и се наоѓа на 59 место, Црна Гора е на 63 место, а Албанија има напреднато за една позиција и се наоѓа на 67 место со 45 индексни поени. Бугарија напреднала за две места и се наоѓа на 98 место, Косово, без поместување е на 83 место, а и Србија нема поместување и се наоѓа на 104 место со 36 индексни поени.

Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет.

Над две третини од земјите имаат резултат под 50 од 100, што, според Иззвештајот силно укажува дека државите сериозни проблеми со корупцијата.

„Глобалниот просек е заглавен на само 43, додека огромното мнозинство земји не постигнале напредок или опаѓале во последната деценија. Уште повеќе, оваа година 23 земји паднаа на најниските резултати досега“, се констатира во Извештајот.

Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени, по што следат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ