вторник, 22 октомври 2024

ТИ-М: Во јули има повеќе матни од бистри случаи во борбата со корупцијата

Во Барометарот на корупција за јули на Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М), активност за следење на случаи поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“, има регистрирано повеќе матни од бистри случаи.

Објавено на

часот

Сподели

ТИ-М во бистрите случаи ги наведува кривичните пријави против пет лица за злоупотреба на службената положба и овластување и против две лица за несовесно работење во службата и го наведува извештајот на МВР во врска со посочените кривични пријави.

„Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 05.07.2024 до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Д.Д., М.Г., М.М., К.В. и А.Д., сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, како и З.И. и Б.Б., двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата“, го цитира извештајот на МВР, ТИ-Македонија.

Во овие случаи за месец јули е и кривичната пријава против директорката на државен ученички дом во Битола, која е осомничена дека ја злоупотребила својата положба и го оштетила Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН).

„СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 57-годишната Е.С. од Битола, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР.

Уште еден бистар случај ТИ-М го забележал и оној на поднесени кривични пријави против тројца полицајци.

„Троца полицајци биле снимени како земаат поткуп, однсосно побарале да бидат почастени за да не му напишат казна на граѓанин. Против нив се поднесени кривични пријави за примање поткуп. Тие се сомничат дека на 4 јули 2024 околу 23 часот на улица Даме Груев во Скопје, при вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи“, наведуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија во соопштението за „бистрите“ настани, а врз основа на извештаите на Министерството за вантрешни работи.

Во матните настани за јули е истрагата од Обвинителството за двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

„Досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев се меѓу одземените работи за време на остварениот претрес во оваа институција. Предметот бил отворен ‘благодарение’ на податоците што обвинителството ги добило од телефонот на осомничениот врховен судија Наќе Георгиев против кого веќе се води случај за кривичното дело примање награда за против законито влијание“, се наведува во соопштението на ТИ-М.

Од ТИ-М го нотираат и новиот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој меѓу другото пишува дека има висок ризик од корупција во многу области во Македонија.

„Независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од влијание остануваат сериозна загриженост, нотира извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2024 година. Нивото на перцепција за независност на судството е многу ниско и покрај реформите во судството и новата стратегија, која има за цел да ја подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на судството. Во него се вели дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но оти нејзината имплементација заостанува. Високиот ризик од корупција останува распространет во многу области“, посочуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Како матен настан е регистриран и случајот со неподнесувањето изјава за имотна состојба до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) од шест пратеници од новиот парламентарен состав, за што, како што изјави претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, за нив е покренато поведување прекршочна постапка.

Во Барометарот се посочува и на заменик-министер во техничката влада кој донел 189 спорни решенија за распоредување на вработени, со што постои сомнеж дека ги прекршил законските одредби.

„Државната комисија за спречување на корупцијата планира да покрене судска постапка против поранешниот функционер. Посочениот заменик-министер е Назим Буши, според Димитровска, Буши од 31 мај до 23 јуни 2024 година донел 98 решенија за хоризонтални распоредувања, 68 за унапредување и 23 решенија кои резултирале со намалени основни плати за вработените. Овој период беше одбележан со избор на нова влада“, се додава во соопштението.

„Ревизорите нижат извештаи, обвинителите отвораат предмети“ е насловен и друтиот „матен“ случај за јули.

„Од 40 предмети поврзани со ревизорски извештаи, за кои Држвниот завод за ревизиа (ДЗР) пред неполни два месеци барал податоци од Обвинителство, случајот ‘Онкологија’ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи немало основ за кривично гонење, а во повеќето сè уште траат проверките. Додека се чека епилог, Обвинителството тврди дека ги разгледува сите извештаи на ревизорите. Јавното претпријатие Железници-Инфраструктура, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како Македонија пат, периодов се мета на проверка од скопските обвинители. Овие три институции изминатиот период беа опфатени во извештаите на Државниот завод за ревизија“, појаснуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ