четврток, 24 октомври 2024

ТИ-М: Да се поедностави пристапот до пријава за криминал од страна на укажувачите

Во Извештајот за работата на јавните обвинителства за 2023 година недостасуваат информации за примена на Законот за заштита на укажувачи, реагираат денеска од Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М).

Објавено на

часот

Сподели

Имајќи го предвид Законот за заштитата на укажувачите, велат од ТИ-М, Јавното обвинителство (ЈОРМ) има доделени надлежности да воспостави безбедносен канал за надворешно пријавување од страна на укажувачите. Дополнително, согласно законот, Обвинителството е една од институциите којашто е надлежна да обезбеди заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие, или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување.

„Последниот годишен извештај за 2023 година, којшто беше јавно објавен и поднесен во Сообранието, не содржи ниту една информација којашто се однесува на поимот укажувач. Дополнителна информација што треба да биде јавно објавена и лесно достапна на укажувачите се информациите за назначени лица за прием на пријави од укажувачи во институцијата. Таква информација на официјалната веб страна на ЈОРМ нема или евентуално е поставена на позиција којашто не е лесно видлива“, велат од ТИ-М.

Според оваа невладина организација, Јавното обвинителство како орган со надлежности да ги гони сторителите на кривични дела, како и сузбивање на корупцијата во државата, може значително да придонесе во заштитата на укажувачите.

„Транспаренси Интернешнл-Македонија смета дека улогата на ЈОРМ во обезбедувањето на заштита на укажувачите е од исклучително значење и од тие причини предлага поголема транспарентност, да се поедностави и да се обезбеди поголема достапност до каналот за надворешно пријавување во институцијата. Ваквите слабости, Транспаренси Интернешнл-Македонија ги утврди и во Националниот систем за интегритет, во којшто една од препораките до Јавното обвинителство беше потребата да се обезбеди заштитен канал за известување на укажувачите врз основа на Законот за заштита на укажувачите“, реагираат од ТИ-М.

Транспаренси Интернешнл-Македонија ги повикува Собранието и Владата, а особено Министерството за финансии, да обезбедат пари коишто би придонеле за надминување на неповолните услови за работа во јавните обвинителства.

„Дополнително, апелираме да се продолжи процесот на донесување на новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи којшто претставува важна алатка во сузбивање на корупцијата. Борбата со корупција и организираниот криминал е во интерес на сите чинители во општеството и ни останува заедно континуирано и посветено да дејствуваме во намалувањето на истата“, катгорични се од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ