среда, 23 октомври 2024

Тежок е патот до новите лични документи, дури и кога МВР вели дека се готови

Продолжува хаосот во кој се втурнати граѓаните на Скопје кои треба да извадат или мораат да променат лични документи. Драгоценото време на граѓаните не се почитува. Долги редици, чекање, понижување со ведната глава пред  шалтерите со ниската дупка во стаклото. Месеци минуваат, веќе сме во втората половина од годината која започна со горливото прашање како да се сменат личните документи за да им пишува „северна“ во името на државата.  И како да е пак истата состојба. Со едно дополнување на ваквиот заклучок. Можно и да бидете известени дека вашиот документ е изготвен и вие да отидете и да бакнете врата, односно да бакнете шалтер.

Објавено на

часот

Сподели

„Вашата лична карта е изготвена и може да се подигне“.

Оп, радост кај скопјанецот кој минатиот месец го добил ова известување на толку фалената интернет страница на МВР која треба да им го олесни животот на паталците без нови лични документи. Овој скопјанец термин за фотографирање за личните документи побарал во април годинава и добил термин во јуни во далечната полициската испостава во Идризово.

И, отишол во полициската станица во скопската општина каде што живее, затоа што таму се издаваат личните карти. Смирено го подаде ливчето добиено во Идризово, спокојно чека да му се подаде новата лична карта. Полицискиот службеник го нема две – три минути, доаѓа, го враќа ливчето:

„Не е готова“, незаинтересирано рече полицаецот.

„Како кога пишува да повелам да ја подигнам“?, реагира граѓанинот.

„Не знам, не ни е доставена. Ние не ги изготвуваме, ние ги издаваме“.

„И? И кога да дојдам“?

„Откај-знам. Следниот!“, вели полицаецот.

И граѓанинот отишол по две недели.

„Не ни е доставена“.

И отишол граѓанинот по една недела повторно.

„Не ни е доставена“.

„Па кога ќе биде“?

„Откај-знам. Следниот“!

А за возачката дозвола, на интернет страницата на МВР која треба да им го олесни животот на паталците без нови лични документи му пишува дека документот е во процес на изработка. Долг некој процес што трае со месеци. Ај, ќе отиде, ќе фати ред, можеби пак и ова известување не е точно, можеби е готова возачката дозвола, си рекол тогаш кога првпат го бакнал шалтерот за личната карта.

„Не е готова“, суво му одговорија

По две три недели му ѕвони мобилниот телефон.

„Господине, да дојдете во зградата на МРТ соба таа и таа, згрешена ви е фотографјата за возачката дозвола, треба повторно да ве фотографиираат“, љубезен женски глас одѕвони во неговото уво.

И отишол, што да прави.

„Одете сега долу со ливчево во соба број тој и тој да ве сликаат“, љубезната службеничка го упати да оди  на приземјето.

„Да не има редици луѓе што чекаат“?

„Немаше, брзо ќе завршите“, доби одговор.

Има! Редица од луѓе.

„Јас сум само за сликање за возачката, нешто ми згрешиле, ме упатија тука, да влезам…“, замоли граѓанинот.

„И ние чекаме за возачка. Јас сум последен, застанете во ред“, си доби одговор.

И го исчека редот. А што да се прави.

Потоа, фотографиран по втор пат, си рече, ај да провери, можеби пасошот е готов.

Што да види… Редицата излегува надвор од салата.

Ај да ѕирне…

Внатре има многу луѓе. Треба ред да се исчека за ливче да подадеш низ дупката од стаклото. Па да се наредиш во друг ред и да чекаш да го кажат твоето име.

Службеникот кој ги протнува пасошите низ дупката пред која има наведнати глави, мора силно да вика:

„Петар! Петар! Петар Петковски! Има ли таков“?

Некој се охрабрува од страдалниците па и тој вика:

„Петар!“

Петар се протуркува и „граби“ кон шалтерот.

„Идриз! Идриз! Идриз?“

Идриз треба да си го слушне името. Ќе го слушне ли? Што ќе прави ако не го слушне? Изгледа е оној што се протуркува.

Барем еден звучник да поставеа, да нема дерење.

„А зошто да чекам два пати? Ќе дојдам другпат и за возачката дозвола и за пасошот. А може тој ден што ќе го добијам слободен од работа (ако на шефот не му пукнат нервите од мене), ќе отидам и до општина по личната карта. Со еден удар три ‘муви’. Еми како“, се заврте скопјанецот и си замина од зградата на МРТ.

Дома ли отиде, на работа ли отиде? Тој си знае. Кај да е годинава сигурно ќе ги добие личните документи на Република Северна Македонија.

Ех, вечно Скопје…

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ