Био-статистичарката од Универзитетот во Јужна Данска, Сигне Бедстед Клеменсен, и нејзините колеги спроведоа две студии за близнаци за да испитаат некои од причините за рак на кожа.
Првото истражување е спроведено на дури 2.367 случајно избрани близнаци.
Потоа откриле дека во групата што ја проучувале, тетовираните лица имале дури четири пати поголем ризик од рак на кожата. Затоа, тие спровеле друга студија во која споредиле 316 тетовирани близнаци со нивните близнаци кои немале тетоважи и откриле дека ризикот тетовираните близнаци да развијат рак е меѓу 33 и 62 отсто поголем, пренесува БМЦ Паблик хелт.
Ризикот бил поголем кај оние со тетоважи поголеми од дланката, три пати поголем отколку кај лицата без тетоважи.
Важно е да се напомене дека ракот како лимфом е доста редок, така што ова зголемување доаѓа од ниско основно ниво.
Ова не е доказ дека тетоважите предизвикуваат рак. Можно е луѓето кои се тетовираат веќе да се изложени на поголем ризик од рак поради други фактори.
„Во нашето истражување не гледаме јасна врска помеѓу појавата на рак и специфичните бои на мастилото, но тоа не значи дека бојата не е важна“, објаснува Клеменсен.
Како што наведува таа, „од други истражувања знаеме дека мастилото може да содржи потенцијално штетни материи, а на пример црвеното мастило почесто предизвикува алергиски реакции, и тоа е област што сакаме дополнително да ја истражиме“.
Иако тетовирањето постои во некои култури илјадници години, последиците по здравјето сè уште не се добро познати.
„Гледаме дека честичките мастило се акумулираат во лимфните јазли и се сомневаме дека телото ги доживува како туѓи материи“, објаснува хематологот Хенрик Фредериксен од Универзитетот во Одензе.
Како што објаснува тој, „ова може да значи дека имунолошкиот систем постојано се обидува да реагира на мастилото, а сè уште не знаеме дали овој постојан притисок може да ја ослаби функцијата на лимфните јазли или да има други здравствени последици“.
Извештајот на Европската комисија од 2016 година покажа дека повеќето мастила за тетоважи не се ни одобрени за употреба во козметиката, некои од нив стануваат канцерогени за време на деградацијата.
Ако размислувате да направите тетоважа, вреди внимателно да ги разгледате типовите мастило и да проверите дали имате здравствени проблеми, како што е псоријазата, бидејќи тетоважата може да ја влоши.