среда, 23 октомври 2024

Тетовци прашуваат кој ги труе оти градот секоја вечер мириса на запалена пластика

Објавено на

часот

Сподели

„Јас живеам кај стадионот и секоја вечер се чувствува мирис на запалена пластика. Според мое искуство тоа е поради горење и топење на гранулатите од нафта со кои се создава пластиката и затоа се шири таа непријатна миризба. Сметам дека тоа се прави поради индустриски цели, бидејќи се случува редовно веќе неколку дена. Од друга страна тоа е опасно, затоа што топењето на пластика е канцерогено“, вели Миќо Стојчевски, жител на Тетово.

На социјалните мрежи исто така граѓани споделуваат свои искуства.

„Да ве прашам до каде „труе“ на изгорена пластика во Тетово. Во мое маало не се дише. Повторно почнаа да горат кај што ќе им текне. Нема смисла, стварно не се дише, штипе очи. Трчам да затворам врати и прозорци“, вели жена која живее во областа позната како Тетовчанка.

Од Територијалната противпожарна единица Тетово велат дека во вторникот околу 15 часот и 20 минути во текот на оваа недела ја имале единствената интервенција на пожар каде гореле пластични материјали.

„Интервенираме на потегот од Тетово кон Требош на една локација. Таму во минатото неколку пати сме интервенирале на запалена пластика, случаите сме ги пријавувале и во инспекција, информира Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Специјалистот по здравствена екологија и хигиена д-р Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје вели дека и до нивната установа граѓаните побарале одговор.

„Непријатна миризба има да, самиот сум се уверил, но немаме информации и начин да ги утврдиме причините. Не е континуирано, претставува краток бран, односно облак од мирис кој трае неколку часа и исчезнува. Ноќеска врнежите од дожд го спречија ширењето. Мора да се преземат мерки бидејќи самата непријатна миризба е загрозување на социјалната благосостојба, тоа основен постулат на Светска здравствена организација. Секој граѓанин така е вознемирен“, вели д-р Давидовски.

Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово не покажува зголемено присуство на штетните ПМ10, ПМ 2,5 или други материи. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ