среда, 23 октомври 2024

Тетовци место паркинг добија депонија

На депонија наликува просторот помеѓу четирите згради на самиот плоштад во Тетово попознати како Чешел, а станарите велат дека така станало поради неисполнетото ветување на општинските служби дека тука наместо нивните лимени гаражи ќе се уреди местото како поголемо паркиралиште. Тие добиле решенија да ги отстранат нивните лимени гаражи, што го направиле, но велат, тоа било попусто. По рокот за отстранување, не се уредил просторот за резидентен паркинг, па празните места се користат од несовесни минувачи да оставаат смет.

Архивска фотографија

Објавено на

часот

Сподели

„Ни дадоа решенија да ги отстраниме гаражите со рок. Од тој рок има поминато повеќе недели, нив никаде ги нема и наместо зонски паркинг стана депонија. Ние од општината ништо не добивме, а побараа да се отстранат гаражите со рок од седум дена. Ние го испочитувавме тоа. И сега доаѓа со возило, го паркира, фрла две – три вреќи ѓубре и заминува. Што сака нека направи само да се среди ова. Да, ни треба паркинг, зошто има доста возила, а доаѓаат возила од страна. Нека се стави рампа или сами да ставиме, да се реши еднаш засекогаш проблемот“, изјави Горан Николоски, станар во зградата број 4 во Чешел.

Јонуз Даути од зградата број 3 вели дека тие го имаат приватизирано дворното место, но сега поради ситуацијата купиштата смет ги има и во нивниот простор.

„Ние од вториот влез од број 7, имаме купено 16 сопственици 1400/1500 квадратни наше земјиште, не може да прави паркинг. Ние бараме да се расчисти ова ѓубре, луѓето ги натера на сила да ги рушат гаражите и го остави ова ѓубре. Да се расчисти и да ни дозволи да поставиме ние рампа да нема диви паркирачи овде, да си влегуваме и да излегуваме. Нека дојде да си го расчисти ѓубрево како што ветуваше во предизборна кампања. Идат изборите нека му ја мисли, дали ќе добие овде глас. Треба да се реши овој проблем. Не може да прави паркинг на туѓо земјиште. Нека им дозволи на луѓето да си го купат земјиштето, останиот дел да си ставиме рампа“, изјави Јонуз Даути.

На собирот на станарите со новинарите, Никола Глигуриески потсети дека во Чешел постојано е проблематично паркирањето затоа што се во центарот на Тетово. Секој сака тука да дојде и да најде бесплатен паркинг. И тој смета дека треба да се уреди просторот како паркиралиште со цел да се воведе поголем ред.

„Имаше пожар во оваа зграда, ни пожарна не може да помине од паркирани возила. Се паркирани се од страна, од овде нема никој паркирано. Цел трговски комплекс што имаат дуќани 90 отсто им се овде паркирани возилата. Од нашите зградите 10-15 отсто автомобили што го имаме ние. Нема кај да се паркираш, нека биде со плаќање ќе платиме, зонско како што го викаа, нека се обележи тоа, плаќање годишно и заврши емисијата, тоа е најлесна работа. Овде рушија гаражи и стана депонија цела“, рече Глигуриески.

Во текот на јули граѓаните, сопственици на гаражи со уредна документација поставени зад зградите на булеварот Благоја Тоска одржаа исто така собир, по што со адвокати се спротиставија на барањата на општината да ги тргнат гаражите образложувајќи дека имаат соодветни одобренија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ