вторник, 24 декември 2024

Темелковска: Раната детекција е клучна за исходот на рак на дојка

Раната детекција е клучна во третманот и исходот на болеста рак на дојка, нагласи денеска д-р специјалист Светлана Темелковска претседателка на Националната комисија за скрининг на рак на дојка на трибина во болницата во Кавадарци.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Темелковска потсети дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и дека после педесет години работа со скрининг програма во сите развиени земји во светот, докажано е дека се намалува смртноста од рак на дојка, за повеќе од 40 проценти.

„Ако жената нема никакви симптоми и ние во скрининг програмата ги најдеме најраните знаци дека нешто тука се случува и веднаш направиме ехо и биопсија, нејзиниот живот ќе биде продолжен. Исто така таа жена нема да треба да биде подложена на тешки хемотерапии и зрачна терапија“, истакна Темелковска.

Прашана околу поплаките дека се губи драгоцено време поради недоволна информираност околу скрининг програмата и проблемите околу обезбедување термини, докторката  одговори дека за жал, скрининг програмата во државата во одредени периоди од минатото, немала свој континуитет, меѓу другото и поради ковид пандемијата.

„Далеку сме од идеално, но после долго време, имаме една основа за добра скрининг програма“, подвлече таа.

Настанот беше дел од националната кампања на Министерството за здравство, под мотото „Октомвриски розов караван – Превенцијата е најдобра заштита“.

Од Министерството велат дека главната активност на кампањата е одржувањето јавни трибини водени од панелисти, стручни лица доктори во јавните здравствени установи низ целата земја, со цел подигнување на свесноста за значењето на превенцијата и раната дијагностика на ракот на дојка.

„Во рамки на кампањата, ќе се организираат и едукативни сесии, проследени со едукативен промотивен материјал и консултации со стручни лица, како и пријавувања на веб страната скрининг.здравство.гов.мк, со што на жените ќе им се обезбедат информации и поддршка за редовни превентивни прегледи“, додадоа од Министерството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ