недела, 21 декември 2025

Уште еднаш за јубилејот

Ние, македонистите, професорите и наставниците, треба да зборуваме за свеста и значењето на македонскиот јазик оти без јазикот, како столб на општеството, ќе нѐ снема и како народ и како држава.

Објавено на

часот

Сподели

Изминува оваа година, година кога го одбележуваме големиот јубилеј – 80 години од донесувањето на македонската азбука и правопис. Се одбележа достојно, а овој напис е уште едно потсетување.

Нашиот македонски јазик официјално е втемелен во четириесеттите години на минатиот век, и тоа како службен јазик на Република Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, во сѐ уште неослободената земја. Во 1945 година, во слободна Македонија, Владата на 5 мај донесе Решение за неговата азбука, а еден месец подоцна на 7 јуни и за неговиот правопис. Со тие одлуки ѝ се стави крај на стихијноста во писменото изразување на македонскиот јазик. Огромно е значењето на овие одлуки. Македонскиот литературен јазик така стана наддијалектен, поточно го надмина фолклорниот стадиум.

А за значењето на јазикот и за неговото писмо многу е пишувано. Тој е составка од првостепено значење за националната свест и култура на секој народ. Славко Јаневски вели дека „сѐ почнува и завршува со јазикот и дека ние живееме во светлината на зборовите“. За Хумболд пак „јазикот е најдинамичниот духовен етнитет, вечно повторувана дејност на духот, сведоштво и на естетскиот, религиозниот, етичкиот хабитус на еден народ, односно на неговиот национален идентитет“. А нашиот писател Петре Андреевски напиша дека „целата македонска историска судбина е запаметена во јазикот и тој е единствената наша неокупирана татковина низ вековите“. За нобеловецот Љоса јазикот и неговото писмо се магија што го обогатуваат животот и ги шират границите на времето и просторот.

Кодификацијата на јазикот е тешка и одговорна задача. Таа бара свесен и одговорен однос кон јазикот. За таа цел веднаш по војната се формирани три комисии од врвни наши филолози, кои знаеја дека македонската кодификација треба да се темели на старословенската, на нашата писмена традиција низ вековите, која преку Климента, Преродбата и Мисирков до денес ги одразува гласовните особености на македонскиот јазик. Потврда за нејзината успешност е развојот на различните типови на дискурсот. Значи, како што напиша А. Вангелов со јазикот на Прашката школа, „Осум децении македонскиот стандарден јазик ја афирмира во практиката својата функционална поливалентност“. Неговата стандардизација е влезница во светот на модерната цивилизација. За значењето на јазикот, т.е. за писмото, има едно предание во Кина што кажува дека на денот кога било измислено кинеското писмо (2650 г. п.н.е.) луѓето го слушнале ѓаволот како беснее и виделе како жито паѓа од небото, бидејќи тоа го означувало почетокот на цивилизацијата.

Јазикот е феномен сам за себе и го потврдува универзалното правило дека нема синхронија без дијахронија. Така, кодификацијата на нашиот јазик уште во средината на 19 век веќе имаше означена траекторија. Обиди направија повеќе наши преродбеници. Ќе го споменам оној на Партенија Зографски со неговите статии во „Цариградски весник“, во кои објаснува што е потребно за да се изгради литературен македонски јазик. „Пред сѐ да се направи опис на неговите дијалекти, да се изработи негова граматика и секако речник“. Не помалку значаен е и обидот на Константин Миладинов, кој во Предговорот на „Зборникот на народни умотворби“ од 1861 г. предложи графиска и ортографска норма на македонскиот јазик. Всушност, тој направил посебен јазичен систем што беше со своја наддијалектна реч. Тука треба да се споменат и заложбите на самоукиот Ѓорѓија Пулевски со неговиот речник, со јазичницата (некој вид граматика) и со песнарките. Сето негово творештво има цел да покаже и докаже колку македонскиот јазик се разликува од српскиот и бугарскиот. И образованиот филолог Ефрем Каранов во тоа време се обидува да направи графиски систем што го темели врз основа на фолклорниот материјал што го собрал од својот роден крај (Кратовско). Некои негови концепции ги прифаќаат лозарите. Тие исто така предлагаат графиски систем поинаков од бугарскиот. Има и други обиди за кодификација на македонскиот јазик. Сепак, врв на тие стремежи е дејноста на „Македонското научно литературно другарство“ во Петроград во почетокот на 20 век (1902 г.), на чие чело застанаа Мисирков и Чуповски.

Книгата на Мисирков „За македонцките работи“ (1903, Софија), особено поглавјето „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, е ѕвезден миг од нашата историска опстојба. Мисирков беше образуван лингвист со диплома од Универзитетот од Петроград, со познавање на 26 јазици. Одржувал контакти со најпознатите лингвисти во тоа време. Со неговата книга „За македонцките работи“ ги удира и темелите на македонската наука за јазикот. „Со неа македонското ноктурно зазорува“ – ќе напише Старделов. Во книгата јасно се дефинирани основните насоки како треба да се кодификува македонскиот јазик: правописот да биде фонетски, лексиката на јазикот да се збогатува од сите македонски дијалекти, а основата да му биде западното, т.е. централното македонско наречје. Тоа се постулати што ќе бидат во целост прифатени по ослободувањето при конечната кодификација на нашиот јазик. Покрај тоа, книгата на Мисирков е и сеопфатен историски трактат во којшто се дефинираат автентичните македонски идеали, сублимат на долготрајните борби на нашиот народ, на историјата, на целокупната македонска национална мисла. Мисирков согледа и предвиде многу нешта. Беше свртен кон новите хоризонти, кон иднината, но пред сѐ кон македонската традиција. Ова дело на Мисирков како искричаво да ја допира сегашноста, а авторот ми наликува на современ аналитичар.

Во овој контекст треба да се спомене и придонесот на писателите, драматурзите и поетите што твореле пред и за време на II Светска војна на македонски јазик како Кочо Рацин, Војдан Чернодрински, Коле Неделковски, Ристо Крле и др.

Чашуле напиша дека „да се пишува на македонски јазик значи да се војува“, веројатно мислеше на сето наше писмено творештво до кодификацијата. И беше во право.

Сепак, непобитна, клучна заслуга за донесувањето на македонските азбука и правопис има професорот Блаже Конески. Тој го продолжи делото на Мисирков, па затоа се вели дека визионерот е Мисирков, а реализаторот е Конески.

Конески твореше во слободна Македонија и создаде дела (повеќе од 500) со трајни вредности: Граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, Фонологија на македонскиот јазик, Речник на македонската народна поезија и многу други. Тој е стожерник на нашите повоени успеси на полето на македонистиката. Велеше дека културата на еден народ е пред сѐ дело на јазикот. Гане Тодоровски ќе напише: „Конески со полифоничноста на неговата творечка природа е во чудесно согласје со историскиот воскрес на македонскиот народ, вонсериски творец на духовни блага – ѕвездограф на македонската културна историја“. Делата на Конески се потпираат на неговите претходници, на традицијата, а таа, традицијата, е како чиста вода, а „…кога пиеш вода од изворот (пишува Радован Павловски), нема бигор /туку топла прегратка“.

Нашата јазична норма наиде на општ прием и брз развој. За тоа придонесе многу нашиот богат фолклор и богатата дијалектна лексика и, се разбира, успешната кодификација. Нејзината успешност ја потврди и литературата, која се раскрили и доживеа ренесанса (Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре Андреевски и др.). Илјадници романи се напишани на прекрасен македонски јазик, преведени и наградувани и во странство. И македонската поезија одамна ги надмина границите на нашата земја. Науката за македонскиот јазик исто така чекори впечатливо напред. Се отпечатија речници речиси од сите области на македонскиот јазик. Всушност, целокупната наша македонистичка продукција покажа и докажа дека по дух е национална, а по форма модерна, европска наука.

И на крајот. Со векови овој народ во својата бескрајна желба за слобода доживува трауми и неправди. Последниве години невидената хистерија на бугарската политика се претставува како добрососедство. Стари сеништа се надвиснале да ни ги урнат столбовите на нашата национална култура. Тиранијата на капиталот удира безмилосно. А кај нас, во ова наше време, како да замира и патриотското чувство. Децата добиваат образование без да научат ниту една песна од наш, македонски автор, наголемо употребуваат англиски зборови што се шират како плевел во нашиот јазик, луѓето во потрага за подобар живот размислуваат како да се вкотват во некоја земја во Европа или во Америка. Општеството разединето, народот во тишина што тежи и во страв што дави. А последниот голем Европеец, Романо Проди, ќе напише: „Европа ако не најде збор што се вика љубов, кој ќе влезе во уставите на сите европски земји, никогаш нема да го реализира своето обединување“. Се гази моралот, гасне човечноста. Искривена е перцепцијата околу вредностите.

Во таква атмосфера, интересот за јазикот го нема оној жар како по војната, како во времето кога во 1945 г. се печател првиот македонски буквар со читанка, па голема група луѓе со нетрпение чекале да го видат пред портите на печатницата. Денес многу гласно се зборува за јазикот, има и емисии за македонскиот јазик на МТВ и на Македонското радио, ама ефектот е многу мал. Погледнете ги весниците и слушнете ги емисиите од тоа време, па ќе видите до каде стигнавме. Има и нов закон, а сѐ повеќе се греши. Грешат спикери, грешат новинари, грешат пратеници, соговорници… Многу неправилности среќаваме особено во судските документи. Ние, македонистите, професорите и наставниците, треба да зборуваме за свеста и значењето на македонскиот јазик оти без јазикот, како столб на општеството, ќе нѐ снема и како народ и како држава. Некаде прочитав дека сме „удавени во некое туѓо синило…“, а мене ми доаѓаат на ум стиховите на Рацин:

Кој ни ги скрши белите крилца

Крилца на галеби бели,

Кој ни замати извори бистри

Извори на души чисти…

Најновите примери од светот на уметноста (би додала и на науката), за жал, покажуваат дека филозофската флоскула оти патот до пеколот е поплочен со добри намери сѐ помалку е дефиниција, а сѐ повеќе е аксиома што ги покажува размерите на катастрофата кон која се движи светот. Но нашата македонска историја памети луѓе интелектуалци со цел космос од идеи.

Време е да ги мобилизираме своите креативни сили и да создадеме нова реалност. Како што велеше Мисирков: „Тоа е наш долг и наше право“.

Венко Андоновски во една колумна напиша: „Ние Македонците сме пример за скоковита култура, за феникс култура што воскреснува и по најголеми пеплосувања, култура на светлината, и кој нема зеница не го гледа тоа…“. Нели нашиот народ вели: „Сѐ додека има небо има и надеж“.

Марија Коробар Белчева

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ