Претходно позната како Македонија по прогласувањето независност од Југославија во 1991 година, вели Си-ен-ен, Северна Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чие слоевито минато — од византискиот и османлискиот до југословенскиот период — во комбинација со нејзините сеприсутни планини создадe регионални култури со цврста посветеност кон традицијата, и кон топлото, искрено гостопримство.
Сместена веднаш северно од Грција, оваа земја без излез на море е една од најпланинските држави во светот, а драматичниот релјеф е клучен дел од нејзиниот идентитет.
„Кога ќе влезам во автомобил, во која насока и да сакам да тргнам, имам планина пред мене и планина зад мене“, вели Фросина Пандурска-Драмиќанин, која живее во главниот град Скопје и работи на рурален развој и зајакнување на заедниците. „Мислам дека ова е најдобриот начин да се опише мојата земја.“

Земјата со 2 милиони жители, малку поголема од Вермонт, вели Си-ен-ен, сè уште ги нема искусено напливите на туристи што секое лето го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа. Оние што се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во привлекувањето на таков масовен туризам, кој би можел негативно да влијае врз квалитетот на живот на локалните жители. Но тие знаат дека земјата има многу да понуди и дека туристичкиот сектор сè уште има простор за раст.
Александар Богоевски, сопственик на Одржливи авантуристички патувања („Sustainable Adventure Travels“), туристичка агенција што реинвестира дел од профитот во инфраструктурата на заедниците со кои соработува, вели дека многу туристи секоја година возат низ земјата на пат кон околните атрактивни дестинации како Грција или Албанија. Тој сака тие да знаат дека Македонија е дестинација сама по себе.
„Приближно еден милион патници транзитираат низ Македонија во текот на летото. Тие не запираат,“ вели Богоевски. „Мислам дека има толку многу други работи што може да се видат.“
Манастири, извори и планинарење
Најголем дел од тоа што може да се види во С Македонија лежи покрај малите, кривулести патишта што се пробиваат низ селските предели долж долините, пишува Си-ен-ен.
Овие рути се прошарани со беспрекорно зачувани византиски манастири, некои стари повеќе од 1.000 години, исполнети со раскошни седефести дрворезби, позлатени лустери и древни фрески. Меѓу најпознатите е Бигорскиот манастир, каде што уморните планинари од блискиот Национален парк Маврово ги пречекуваат гостински одаи со пристојна цена. Таму, блескавите крошни на дрвјата со боја на рубин и топаз долж октомвриските патеки лесно би ја засрамиле секоја разгледница од Нова Англија.
Свети Наум, кој стои на брегот на Охридско Езеро од 905 година, е уште еден познат — и вреден за посета — манастир. Охридско Езеро, чија сјајна вода се наоѓа јужно од Маврово на албанската граница, е најголемиот бисер на С Македонија.

Подрачјето на Охридско Езеро, светско наследство на УНЕСКО, опкружено со планини, секое лето привлекува посетители од целиот Балкан. Некои доаѓаат за екотуризам — езерото хрането од извори може да се пофали со околу 1.200 вида растенија и животни. Други доаѓаат за традиционалното туристичко искуство: купување бисери од слатководни школки на чаршијата во историскиот Охрид или пиење газирани коктели во летните барови наредени крај брегот. Друг прекрасен национален парк, Галичица, го гушка источниот брег, со спектакуларното Преспанско Езеро веднаш југоисточно од паркот.
Повеќе од сто милји северно, пишува Си-ен-ен, во планинскиот масив Шар Планина, на северозападната граница со Косово, страсните планинари и алпинисти можат да најдат изобилство од тешки патеки. Некои планински жители сè уште го практикуваат древниот овчарски обичај познат како трансхумација — сезонски преселби на стадата кон селата во зима и кон планинските врвови во лето.
Пандурска-Драмиќанин е благодарна што оваа сè поретко распространета практика сè уште постои во нејзината земја и смета дека совесниот туризам може да помогне во неговото одржување. Но таа е претпазлива во однос на претераното комерцијализирање на традиционалниот начин на живот.

„Во други земји сум видела многу, многу лоши примери како масовниот туризам ја уништува локалната култура“, вели Пандурска-Драмиќанин. „Ние сакаме да привлечеме туристи што навистина ќе ја ценат нашата природа и нашата култура.“
Природна убавина и зачувани културни традиции
Ана Лабор управува со Духот на Преспа, агротуристички бизнис на семејниот јаболков овоштарник северно од Преспанско Езеро, кој зафаќа само пет хектари, или околу 12 акри. Малите семејни фарми се вообичаени во Македонија, што, според Лабор, им овозможува на земјоделците да поминуваат повеќе време негувајќи ги своите култури.
Таа нега значи дека просечниот македонски гостин јаде зеленчук што би изгледал како од друга планета во некој американски супермаркет — празови долги до еден метар, домати големи како бејзбол-топки, и црвени пиперки чии мириси се чувствуваат од далеку.

Лабор, покрај тоа, работи на развивање на руралната туристичка инфраструктура низ целата земја и им помага на други земјоделци да го дополнат семејниот приход преку агротуризам. Таа сака туристички групи во поднослив број — на кои, како и на нејзините јаболкови дрвја, сака да им посвети внимание на секој поединечно. Големите групи тоа го оневозможуваат.
„Не поминувам доволно време со нив… затоа што не можеш да му посветиш внимание на секој. И потоа, кога групата ќе замине, не сум задоволна од себе, затоа што не ја виделе најдобрата верзија на имотот“, вели Лабор.
Истите планини што се темел на природната убавина на С Македонија, пишува Си-ен-ен, исто така служеле како физички бариери што создавале различни културни региони, со што се негуваат и одржуваат традиции што на други места исчезнале. Лабор вели дека може да посети регион само стотина километри подалеку и да не препознае половина од јадењата на трпезата.
Иако храната значително варира по региони, посетителите на С Македонија можат да очекуваат одредени заеднички елементи во кујната, која обично ги избегнува тешките зачини во корист на свежите, локални состојки.
Ајварот — кремлив премаз од црвени пиперки присутен низ целиот Балкан — тука е третиран со особена почит, при што семејствата во есенските месеци црнчат од зори до мрак над зачадените огништа во дворовите за да направат доволно тегли за цела година. Ракијата — жесток балкански алкохолен пијалак што Македонците најчесто го прават од грозје — се служи чиста, покрај огромни чинии со салати, скара и топол, свежо печен леб.
Македонската сончева клима е заслужна за тоа што земјата е една од најголемите вински региони во околината, со особена концентрација во Тиквешкиот регион. Други јадења што вреди да се пробаат се путерестото печиво од кори — бурек, најчесто сервирано за појадок, како и ќебапите на скара. Меѓу локалните специјалитети се и пастрмајлијата — печиво во форма на брод со свинско месо и јајце, слично на турското пиде — и низа сочни супи познати како чорби.
Посетителите што сакаат да уживаат во разновидна традиционална храна треба само да седнат во најблиската кафеана — локални ресторани каде што гостите седат еден до друг пред порции доволно големи да нахранат село, вели Си-ен-ен. Во кафеаните често има локални музичари што шетаат од маса до маса во стил сличен на маријачи-свирачите, изведувајќи ги омилените песни на гостите што ќе им платат. Митко Панов, македонски филмски режисер, опстојувањето на кафеанските музичари го гледа како симбол на издржливоста на македонската народна култура.
„Многу земји веќе ја загубија својата народна забава“, вели Панов. „Во колку места во Соединетите Држави можеш да отидеш во кафе-бар и да имаш жива музика, и да му платиш на човекот и да му кажеш: ‘Пеј ја оваа песна, затоа што јас ја сакам, а ти ја пееш добро’, и тој да може да се издржува со тоа?“
Кафеани има многу во Скопје, особено по калдрмисаните улички на Дебар Маало и соседните населби Карпош и Буњаковец, кој е на северот на земјата.

Жичница и лавиринт од чаршиски улички
Речиси срамнето со земја во земјотресот во 1963 година, Скопје беше дел од огромен меѓународен потфат за обнова, со силен акцент на традиционалниот југословенски брутализам. Старата скопска чаршија го спојува овој брутализам со османлиските дизајни стари со векови и поновиот неокласичен стил налик на оној во Лас Вегас. Посетителите што бараат што било — од свежи производи до барови и антиквитети — ќе ги најдат во лавиринтот од улички во чаршијата, и можеби и ќе се загубат по пат.
Кафе-масичките во чаршијата и пошироко се полни од рано утро до доцна навечер, а покрај турското кафе има и млечни напитоци со мача.
Средно голем град, Скопје има посилна културна сцена од многу поголеми градови, вклучително и џез, филмски и музички фестивали. Многу од ова е наследство од југословенските времиња, кога владата силно ги субвенционираше културните центри и уметничките програми.
За патниците што бараат одмор по долгите ноќи во кафеани и талкањето низ многубројните коктел-барови, руралниот предел околу Скопје е полн со атракции, меѓу кои и жичницата до Крстот на Водно — огромен челичен крст поставен на врв со панорамски поглед кон градот и околните планини. Посетителите, исто така, можат да кајакарат низ билјардно-зелените води на Кањонот Матка или да ги истражат многубројните пештери во кањонот, со нивните надреални надвиснати сталактити — редовна станица на глобалната сцена за пештерско нуркање. Амбициозните планинарски тури водат по планинските сртови, носејќи ги туристите на сите три.

Има многу работи што може да се сакаат, вели Пандурска-Драмиќанин.
„Тоа е слоевито рурално искуство со најубавите природни предели што некогаш ќе ги видите во толку мала земја.“






