„Тоа е еден сериозен случај. Тоа е еден проект кој во минатото го водеше претходната влада која ги доведе голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека на тој начин ќе станат милионери, дека сè ќе биде поинаку – економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија, или пак на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, потенцираше Мицкоски во гостување во вестите на МРТ.
Премиерот исто така додаде дека тоа што ќе го слушнат граѓаните деновиве за тоа што се случувало ќе биде навистина катастрофално и дека креаторите на ваквите политики од минатото треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто станале жртви на ваквиот начин на функционирање.
„Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка ситуација и мачна којашто се случувала. Оваа е акција којашто трае. Не е само од сега, само не сме можеле секогаш јавно и транспарентно да објавуваме бројки и податоци. Но тоа што ќе го слушнат и видат овие денови граѓаните, па мислам дека вклучително уште денес- ќе биде навистина нешто катастрофално и сите оние креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто за жал станале жртви на ваквиот начин на функционирање на одредени политики од минатото“, нагласи Мицкоски.

Речиси во исто време додека течеше интервјуто на премиерот Мицкоски, фокусот на истрагата вечерва се префрли во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде полициски конвои составени од камиони и комбиња вршат претреси и конфискација. Според наводите на премиерот Христијан Мицкоски, акцијата не е ограничена само на главниот град, туку опфаќа и локации во Струмица, со цел целосно разбивање на мрежата која го злоупотребувала легалното производство на канабис за медицински цели. Истражните органи, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), работат на утврдување на патеките по кои огромни количини дрога ја напуштале државата без соодветна контрола.
Операцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) започна како директна последица на меѓународниот инцидент од минатата недела, кога српската полиција во близина на Крушевац заплени пет тони марихуана транспортирана со камион со македонски таблички.
Во центарот на истрагата е компанијата Алфа Фарм ДОО Скопје, основана во 2023 година, која добила лиценца за одгледување канабис во април 2024 година. Сопственичката структура на оваа фирма вклучува лица како Иван Драганиќ, кој веќе е приведен од српските власти, додека по другите косопственици, Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ и Јована Мијаловиќ, се преземаат истражни мерки.
Од досегагашните сознанија достапни на јавноста, локацијата во ОХИС служела како главен склад, за кој постои сомнеж дека се чувале десетици тони марихуана надвор од законските протоколи.
Министерството за здравство и Царинската управа вршат вонредни контроли на документацијата за да се утврди како пратката поминала низ граничниот премин без детекција.
Истрагата открила постоење на комуникациски групи на апликацијата Ватсап, именувани како „Совет за безбедност“ и „Производство Росоман“, преку кои се координирал нелегалниот транспорт.






