петок, 9 мај 2025

Страшевски: Каде е пиштолот со кој се убиени Вања и Панче треба да одговорат МВР и Обвинителството

Јовица Страшевски, адвокатот на Љупчо Палевски, кому му се суди за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска изјави дека пресудата за неговиот клиент е однапред донесена и дека подготвуваат одбрана врз основа на доказите што им се дадени од Обвинителството. На прашање на МКД.мк каков ќе биде текот на одбраната натаму, со оглед на тоа дека Палевски на денешното рочиште тврди дека доказите му се наместени, Страшевски рече дека има големи разлики во изјавите на обвинетите и доказите на Обвинителството. Оружјето со кое се извршени убиствата до денес не е најдено.

Објавено на

часот

Сподели

„Ја спремаме одбраната врз основа на доказите што ни се дадени од Обвинителството. Во текот на постапката произлегоа и докази што не се на листата на докази и од нив Обвинителството поставуваше прашања, што не е во ред и не е дозволено во ваква постапка. Конкретно за ова прашање, од самите докази што ги изведуваше Основното јавно обвинителство, на нивните прашања што беа поставени спрема сообвинетите, имаше големи разлики од доказите презентирани од Обвинителството и нивните изјави. Токму тие докази ние ги споредивме, и денеска Љупчо Палевски ги презентира како споредба на докази од изјавите на сообвинетите и оние на Обвинителството. Според тоа, од камерите се гледа дека обвинетиот Велибор Манев е присутен дома, што е спротивно на неговото тврдење дека е надвор, на паркинг. Тоа се отприлика работите што сакаме со ова денешно сведочење преку прашања и одговори на Палевски, да ги докажеме дека не се точни изјавите, или дека не е точно она што го презентира Обвинителството“, изјави адвокатот Страшевски.

На прашањето на МКД.мк каде е пиштолот со кој е извршено убиството Страшевски одговори дека не знае и дека за ова одговор треба да дадат Обвинителството и МВР.

„Не знам каде е пиштолот! Одговор за тоа треба да даде Обвинителството и МВР. Јас како бранител и Љупчо Палевски цело време бараме вештачење на чаурата, со која би се потврдило дали е пукано од тој пиштол што е спомнат од Боре Видевски, или од некој друг пиштол, или е од црн пазар. Тоа веројатно и досега може да го расчистат МВР и Обвинителството, но за жал и покрај многуте рочишта (триесетина), нема одговор на тоа прашање. Ние се обидовме да побараме докази од банката, но за жал не ни беше дозволено, затоа што ненавремено сме побарале. Таков беше одговорот од банката. И дел од доказите што ние сакавме да ги презентираме од судот ни беа одбиени, со одговор дека се веќе презентирани. Знам дека сте присутни како јавност и гледате дека Обвинителството за жал, за вакво сериозно дело наместо да презентира докази, се обиде да се ‘прошверцува’ со читање наслови на докази, колку само да помине дека се презентирани. Слушнавте во објаснувањата дека бил во штабот на партијата, подготвувале кривична пријава на 22 ноември, дека го поправал котелот на Ерол Османи… Не би откривал предвреме, ќе ја слушнете целата наша одбрана во текот на постапката. Имаме доволно спротивставени работи да можеме да ги побиеме доказите што беа презентирани, а не изведени. Мое лично мислење е дека пресудата е однапред донесена. Но каква и да е пресудата, ние ќе вложиме жалба“, вели Страшевски.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот пензионер Панче Жежовски со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Искра Опетческа 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ