недела, 29 март 2026

Дојче веле: Македонија, БиХ и Косово во плановите за бегалски кампови?

Западноевропските земји планираат да ги сместуваат мигрантите во кампови на Западен Балкан. Земјите таму се под притисок да се профилираат како сигурни партнери на Европа. Но на терен, проектите се спорни, пишуваат за Дојче веле авторите Арбнора Мемети, Вјоса Ќеркини и Пандели Пани.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Во почетокот на декември 2025 година, британски медиуми како Тајмс објавија дека Обединетото Кралство размислува да ги испраќа одбиените баратели на азил во „центри за враќање“ во Македонија, каде што тоа предизвика силни политички реакции и видлива јавна реакција. Темата миграција одеднаш се најде во центарот на внатрешнополитичката дебата.

Уште во мај 2025 година, кога беше потпишан договорот за стратегиско партнерство меѓу Лондон и Скопје на владино ниво, веќе кружеа гласини дека прашањата за миграцијата би можеле да бидат дел од договорот.

Во декември, македонскиот премиер Христијан Мицкоски беше принуден јавно да ги отфрли наводите во британските медиуми и да ги нарече шпекулации и дезинформации на опозицијата. „Додека сум јас премиер, нема да се изгради ниту еден камп за нелегални мигранти и нема да прифатиме ниту еден мигрант“, изјави Мицкоски.

„Екстернализација“ на миграциската политика

Според британските медиуми, договорот за партнерство предвидувал мигрантите чии барања за азил се одбиени во Обединетото Кралство да бидат депортирани во трети земји од Западен Балкан. Македонија беше спомната заедно со Косово и Босна и Херцеговина како една од потенцијалните земји, на кои, според извештаите, Велика Британија им нуди финансиски надомест за секој прифатен мигрант.

Критичарите ваквите политики ги нарекуваат „екстернализација“ на миграциската политика: контролата и сместувањето на мигрантите сè повеќе се префрлаат во држави надвор од правниот систем на Европската Унија. Така, Обединетото Кралство во 2022 година договори префрлање на баратели на азил во Руанда – проект што по одлука на Врховниот суд и по промената на владата со Кир Стармер беше конечно укинат. Сега регионот на Западен Балкан се појавува како простор за тестирање нови модели, пишува Дојче веле во текстот во рамките на проектот „Отпорност против дезинформации во Северна Македонија“, поддржан од владата на Северна Рајна-Вестфалија.

Нееднакви односи на моќ

Клучно е асиметричното поаѓалиште меѓу земјите на ЕУ и државите од Западен Балкан. Додека европските земји сè повеќе ја насочуваат миграциската политика кон контрола и затворање, земјите од Западен Балкан се под притисок да се докажат како сигурни партнери на Западна Европа – често со надеж за политичко приближување, безбедносна соработка или економски придобивки.

Политикологот Флоријан Бибер од Центарот за студии за Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац нагласува дека вклучувањето на земјите од Западен Балкан не е случајно: нивната позиција надвор од правната рамка на ЕУ политички го олеснува префрлањето на мигрантите таму.

Иако овие земји, како кандидати за членство во ЕУ, ги усогласуваат своите правни системи со европските, тие формално остануваат надвор од европскиот азилантски систем.

Молкот на владите

Во општествата на Западен Балкан, миграцијата со години е исклучително чувствителна тема. Стравот регионот да стане „прифатилиште на Европа“ е широко распространет – особено по затворањето на границите долж „балканската рута“, по која бегалците, главно од Сирија, во 2015 година се движеа кон Западна Европа. Бибер истакнува дека овој страв не произлегува само од ксенофобија, туку и од чувство на политичка инструментализација и губење контрола.

Дискусијата дополнително се заострува поради слабата политичка комуникација. Наместо навремено и транспарентно информирање, владите – како на пример македонската – често даваат само делумни информации за можните договори, пишува Дојче веле. Бибер смета дека тоа е свесна стратегија: отворената комуникација може политички да им наштети, особено ако зависат од конзервативно или националистичко гласачко тело. Но задржувањето информации создава вакуум што брзо се исполнува со шпекулации, гласини и дезинформации.

Косово отворено за соработка

Додека Босна и Херцеговина, според извештаите, јасно го отфрлила британскиот предлог за прифаќање на одбиените баратели на азил, премиерот на Косово, Албин Курти, покажал подготвеност за соработка – во замена за безбедносна поддршка.

Косово и претходно изразуваше подготвеност за слични договори и веќе има искуство: во 2021 година прими околу 1.900 Авганистанци што чекаа преселување во САД, а подоцна склучи договор со Данска за користење до 300 затворски места на Косово за осудени странци што по издржување на казната ќе бидат депортирани.

Експертите, сепак, предупредуваат на ризикот од преоптоварување. Политикологот Неџмедин Спахиу од Приштина смета дека одлуките често се носат од опортунистички причини – за да се задоволат стратегиските партнери или да се зајакнат меѓународните односи, без доволно внимание на долгорочните последици.

Изјавата на премиерот Курти, според него, е „сервилен чин кон стратегиски сојузник“ заради одржување на односите. Лојалноста кон сојузниците е важна, но, вели Спахиу, таа мора да има граници – во спротивно, Западен Балкан ризикува уште повеќе да стане „периферија“ на европската миграциска политика, како што многумина веќе го перцепираат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ