петок, 1 март 2024
Извештајот по завршувањето на анализите ќе биде предаден во ОЈО Скопје

Телото на 14-годишната Вања му е предадено на семејството, обдукцијата е завршена

Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Институтот за судска медицина и криминалистика  во Скопје е завршена во текот на вчерашниот ден и телото е предадено на семејството, потврдуваат за МКД.мк извори од истрагата. Анализите по извршената обдукција која треба да ги утврди причините за насилната смрт, времето кога девојчето починало… се во тек и откако целосно ќе завршат, ќе биде изготвен обдукционен извештај кој со сите комплетни податоци и анализи ќе биде предаден на Основното јавно обвинителство Скопје. Овој извештај ќе биде дел од клучните докази во истрагата за овој грозоморен настан. На вчерашната прес-конференција на МВР и ОЈО Скопје беше соопштено дека е убиена со пиштол, околу два и пол часа откако била грабната, но засега ова се податоци од исказите на осомничените лица. Фактите ќе ги покажат анализите од обдукцијата. 

Објавено на

часот

Сподели

Четиринаесетгодишното девојче кое исчезна на 27 ноември во 7,30 часот, беше најдено убиено неколку дена подоцна. 

Во околината на Велес беше најдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат. Официјалните информации се дека исти лица ги убиле и Вања и велешанецот. 

Осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски завчера завршија во притвор од 48-часа кој завршува утре. Дали ќе се бара дополнителна мерка ќе треба да соопшти ОЈО Скопје. Притвор од 2 дена вчера доби и таткото на Вања осомничен дека учествувал во грозоморниот чин на грабнувањето на наеговата ќерка, која потоа беше убиена. 

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. 

Од скопското Јавно обвинителство информираа дека за осомничениот Палевски кој е во бегство, по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривичните дела грабнување и убиство. Денес Основниот кривичен суд му определи мерка притвор во отсуство која ќе почне да важи по неговото пронаоѓање. 

По воведните обраќања на министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски, вчера на новинарски прашања, министерот рече дека на девојчето, откако било грабнато од пред своето живеалиште, му биле врзани рацете и нозете, било ставено во вреќа за спиење во багажниот простор на возило ситроен и потоа е однесено на локација каде што било убиено и закопано.

На прашањето зошто барањето за откуп завршило со убиство, обвинителот Гаврил Бубевски рече дека осомничените ги фатила паника дека се следени и затоа решаваат подоцна да ги бараат парите и го убиваат девојчето.

На прашањето дали имаат информација преку кој граничен премин е избегано едно од осомничените лица, министерот Спасовски рече дека МВР има таква информација, дека е избеган заедно со неговиот адвокат. Избегани се во Белград, а потоа во Бугарија.

По убиството на Вања голем дел од од настаните низ главниот град самоиницијативно се откажани од организаторите, но Владата не прогласи ден на жалост. МКД.мк вчера испрати прашања дали ќе биде прогласен ден на жалост, но до сега одговор не добивме. 

                                                                                                                                        К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ