недела, 15 декември 2024

Телевизијата Еј-би-си се согласи му исплати на Трамп 15 милиони долари спогодба поради клевета

Американската телевизија Еј-би-си се согласи да плати 15 милиони долари за да ја реши тужбата за клевета поднесена од новоизбраниот претседател Доналд Трамп поради неточно тврдење на водителот на мрежата со седиште во САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Водителот Џорџ Стефанопулос во емисијата „Оваа недела“ на Еј-би-си во март оваа година повеќе пати изјави дека Трамп е прогласен за виновен на суд за силување на новинарката Е. Џин Керол, пренесува АФП.

Трамп ги тужеше Стефанопулос и Еј-би-си за клевета за погрешно прикажување на пресудите во двете тужби што новинарката ги поднесе против Трамп.

Керол тврдеше дека Трамп ја силувал во стоковна куќа во средината на 1990-тите и дека ја клеветел кога го негирал нејзиното тврдење.

Минатата година, новоизбраниот американски претседател беше прогласен за виновен на суд за сексуално злоставување на Керол и му беше наложено да ѝ плати отштета од пет милиони долари. Во јануари тој беше прогласен за виновен за дополнителна тужба за клевета и мора да ѝ плати уште 83,3 милиони долари.

Трамп ги обжали двете пресуди.

Сепак, ниту една пресуда не вклучуваше силување како што е дефинирано според законот на државата Њујорк.

Луис Каплан, судијата во двата случаи, рече дека заклучокот на поротата е дека Керол не успеала да докаже дека Трамп ја силувал „во рамки на тесната, техничка дефиниција за силување според Кривичниот законик на Њујорк“.

Каплан, сепак, забележа дека дефиницијата за силување во њујоршкиот закон е „далеку потесна“ од тоа како силувањето е дефинирано во вообичаениот современ јазик, во некои речници и во некои федерални и државни кривични закони.

Според документите за спогодба објавени во саботата, Еј-би-си и Стефанопулос, исто така, ќе објават дека им е жал за тужбата на Трамп и ќе платат милион долари правни трошоци на адвокатот на Трамп.

Еј-би-си објави дека е „задоволен што странките постигнале договор за отфрлање на тужбата според условите од судско поднесување“.

Американските медиуми велат дека спогодбата е значајна отстапка на Еј-би-си и ретка победа за политичар чии претходни напори против весници често завршувале со пораз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ