недела, 16 март 2025

Телеграми со сочувство од соседите и од лидерите на земјите членки на ЕУ

До македонското државно раководство во текот на целиот ден пристугнуваат телеграми си сочувство по големата трагедина во Кочани кога во голем пожар во дискотека загинаа 51 лице.

Објавено на

часот

Сподели

Владата на српскиот претседател Александар  Вучиќ ќе прогласи Ден на жалост во вторник во Србија. Утре претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ќе го прогласи вторник 18 март 2025 година за Ден на жалост во Република Србија поради трагедијата во Македонија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изрази соочуство до премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски за трагичната несреќа во Кочани.

„Сакам да изразам најдлабоко сочувство до премиерот Христијан Мицкоски и македонскиот народ поради трагичниот пожар што избувна вчера во Кочани. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите“, пишува на социјалната мрежа на X унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Бугарија ја споделува болката на граѓаните на Македонија за пожарот во Кочани, во кој загинаа и беа повредени многу луѓе, напиша на Х бугарскиот претседател Румен Радев.

Шефот на бугарската држава разговарал со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и изразил сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски.

„Во контакт сум со премиерот Жељазков и Бугарија е подготвена да пружи медицинска помош“, изјави Радев.

Албанскиот претседателот Бајрам Бегај изрази сочувство по повод трагичната несреќа што се случи во дискотека во Кочани во која загинаа над 50 лица, а стотици се повредени.

„Моето искрено и длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски и до сите граѓани во нашата соседна пријателска земја. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се зголемува“, напиша Бегај во објава на Х.

Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс.

„Искрено сочувство до народот на Северна Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“, напиша Мицотакис.

Највисоките претставници на институциите на Европската Унија претпладнево изразија жалење за синоќашна трагедија во Кочани и изразија сочувство за жртвите.

„Срцето ми е скршено од загубата на толку млади луѓе во страотниот пожар во Кочани. Моите мисли се со сите семејства на жртвите од оваа трагедија“, наведе претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во објава на Икс.

Тој додаде дека ЕУ се солидаризира со народот на Македонија во овој момент на тага.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порача дека нејзините мисли „утрово се со народот на Северна Македонија и со семејствата и пријателите на сите оние кои ги загубија животите во страшниот пожар што избувна минатата ноќ во Кочани“.

„На сите повредени им посакувам брзо закрепнување. Европа тагува со вас на овој трагичен ден“, наведе Мецола во објава на Икс.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изрази „длабоко жалење за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани“.

Таа во објава на Икс изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.

ЕУ ја споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија, додаде Калас.

„Длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и сочувство за жртвите изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Длабоко сме натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе. Наведе Кос во објава на Икс, додавајќи дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер изрази сочувство на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Срцето ми се кине за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство за жртвите и нивните најблиски во ова страшно време, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија. На премиерот Христијан Мицкоски му понудив помош и сите ресурси на Амбасадата на САД, како и нашите молитви за сите оние кои страдаат денес“, напиша Агелер.

Најмалку 51 лице загина, а над 150 се повредени во пожар што се случи синоќа во дискотека во Кочани. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ