четврток, 20 март 2025

Телеграма со сочувство од МАЕИ до македонската амбасада во Тирана

Македонската партија во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати телеграма со сочувство до Љуфтим Спахиу, вршителот на должноста македонски амбасадор во Тирана.

Објавено на

часот

Сподели

„Со длабока тага ја примивме веста за трагедијата што ја погоди Македонија и градот Кочани. Дозволете ми во мое лично име, во име на партијата, како и во име на сите Македонци во Албанија да го изразиме нашето најдлабоко сочувство во овие тешки моменти за Вас, за најблиските на загинатите и повредените и сите граѓани во Македонија“, пишува во телеграмата потпишана од Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Се додава дека Македонците во Албанија се молат за душите на починатите и за брзо закрепнување на повредените.

„Во овие тешки мигови нашите мисли и молитви се со жртвите, нивните семејства и сите оние кои се погодени од оваа трагедија. Во духот на братството и солидарноста ја споделуваме вашата болка и уверени сме дека македонскиот народ со својата сила и единство ќе ги надмине овие тешки предизвици“, се наведува во телеграмата.

Според партијата, членови на Претседателството на МАЕИ се потпишале во отворената книга на жалост во македонската амбасада во Тирана, оддавајќи почит кон загинатите.

Во книгата на жалост се потпишал и албанскиот министер за правда Улси Мања, кој покрај другото  ја повторил подготвеноста на Владата на премиерот Еди Рама да помогне во овие тешки денови на пријателскиот македонски народ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ