„Имаме многу горчливи искуства со политиките и пристапите на различни американски влади“, изјави портпаролот на иранската дипломатија Есмаил Багај, пренесе официјалната агенција ИРНА.
Тој апелираше до Вашингтон „да ги преиспита погрешните пристапи од минатото“.
Иранските медиуми денеска на големо известуваат за резултатите од претседателските избори во САД.
„САД се големиот сатана, кој и да е претседател“, пишува весникот Кејхан.
Владиниот весник Иран наведува дека „Иранската економија е погодена од притисоци, но сега ситуацијата е поинаква и Трамп повеќе нема да може да го изолира Иран и да ѝ наштети на економијата на земјата“.
За време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп одржуваше мошне напнати односи со Техеран.