недела, 19 мај 2024

Таткото на Вања останува во притвор, Врховниот суд му ја одби жалбата

Жалбата против мерката притвор поднесена од Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, е одбиена како неоснована откако денеска на јавна седница Ѓорчевски побара притворот да му биде укинат и/или да му биде изречена поблага мерка.

Објавено на

часот

Сподели

Советот за казниви дела при Врховниот суд, по одржаната јавна седница донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје од 1 март 2024 година“, соопштија попладнево од Врховниот суд. 

А на денешната јавна седница, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, рече дека не им е приложен ниту еден доказ или индиција од кои може да се заклучи дека постои минималниот стандард за продолжување на мерката притвор.

Според него, како што рече, „квазиавтоматското продолжување на притворот“ е спротивно на законот.

Туфегџиќ нагласи дека осомничениот минува низ процес на загуба, а како што рече, досегашното негово однесување е здрава реакција на загуба на своето дете, што, како што дополни, е најтешкото нешто што може да му се случи на еден родител.

Според одбраната, исто така, Апелацискиот суд ја донел одлуката нејасно, неразбирливо и противречно самиот на себе без наведени причини.

Одбраната тврди и дека обвинетиот не може да влијае врз сведоците бидејќи сите веќе биле сослушани, а укажува и на тоа дека обвинетиот во притворскиот објект бил подложен на тортура на начин што повеќе пати бил испитуван од лица што се претставувале како полициски службеници, односно бил под притисок да го признае делото што му се става на товар.

На ваквата жалба, Јавното обвинителство доставило одговор во кој предлага жалбата на обвинетиот да се одбие како неоснована.

Според обвинителката Наталија Тасевска, Апелациониот суд Скопје донел јасно решение во кое има доволно образложени причини дека осомничениот го сторил кривичното дело „грабнување“, кое, како што посочи, со текот на истрагата се надоградува со повеќе докази, а истрагата сѐ уште трае.

„Станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица, а за судството во такви дејствија законот предвидува тешка казна, од кое само по себе произлегува причината дека ако обвинетиот е на слобода, ќе постои висок степен на веројатност дека ќе се даде во бегство“, рече таа.

Дополни дека во оваа фаза на постапката, кога сѐ уште се преземаат истражни дејствија, постои можност обвинетиот да влијае на сведоците да ги сменат исказите подоцна во постапката пред судечкиот суд.

На денешната јавна седница се изјасни и осомничениот Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој се приклучи на жалбените наводи на својот бранител.

– Јас сум поделен на два света во моментов, едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе и се придружам на постарата ќеркичка“, рече тој.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела грабнување и убиство на свиреп начин првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, наводно споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ