сабота, 27 јули 2024

Тартуф, тој црн дијамант!

Објавено на

часот

Сподели

Длабоко под земја, може да го откријат само дресирани кучиња или дресирана свиња

Плодови со силен, специфичен мирис, во црна или бела боја, со големина меѓу два и осум сантиметри, скриени под површината на земјата, и тоа само на ретки места. Навидум се неугледни, потсетуваат на компир, а на вкус се како мешавина на старо сирење и кромид. Под земјата живеат во симбиоза со коренот на некоја билка или стебло, а од тоа зависи и нивниот мирис. Постојат околу 70 видa тартуфи. Сепак, најпознати се црниот тартуф што може да се најде во француската област Перегори и белиот голем тартуф што го има во италијанската област Пиамонте. Овој вид печурки може да се најде и во Хрватска, на Истра, скриени во глинестата и тешка земја на Мотовунската шума.
Пишаните документи за тартуфот потекнуваат уште од времето на старите Грци и Римјани. Ретката печурка скриена под земјата тешко се наоѓала, па не е ни чудо што долго време била предмет на проучување. Иако Алфонсо Чикарели за нив напишал цела книга во 1564 година, тајната на природата на тартуфот е откриена дури во 19 век и оттогаш се отвораат вратите на истражувањата за можност за вештачко одгледување на овие чудесни печурки. Денес тартуфот редовно се наоѓа на менијата на најдобрите светски ресторани. Поради високата цена до неодамна беше достапен само за господата со дебел џеб и за гастропознавачите.

До 1.000 долари за килограм

Тартуфот може да биде намирисан под земја само од добро истренирани кучиња или најчесто од истренирана свиња! Поради тој специфичен начин на наоѓање под земјата, но и поради неговите несомнено прочуени афродизијачки квалитети, цената на тартуфот е астрономска. Таа се движи од 500 до 1.000 долари за килограм!

Таљатели со тартуф

Благодарение на специфичната арома тартуфот е гастрономски специјалитет што се додава во јадењето во изрендана форма или на тенко сечкани листови, односно едвај во грамови.
Јадењето веќе е специјалитет кога тартуфот е само присутен во него, во најминимално количество врз месото или рибата, но од неодамна го има и врз њоките и пирето.

Се чисти како дијамант

Иако скап, може да си го дозволиме тартуфот во мало количество. Но за почеток мора да се знае основното правило. Површината на тартуфот мора да биде беспрекорно чиста бидејќи тој се употребува неисчистен. Затоа прво се отстрануваат остатоците од земја што се наоѓаат на површината на тартуфот, а потоа со помош на четкичка се исплакнува внимателно под ладна вода. Откако ќе се избрише со нежна кујнска хартија, може да се тргне во кулинарска авантура.
Секој што еднаш го пробал во своето јадење му станува вечен поклоник.

Луксузните ресторани нудат и колачи со тартуф

Па дури и кога се работи за „зачинување” со тартуф во супата или за капки маслиново масло помешани со тартуф истурени врз една салата. Ете затоа гастрономите до денес не можат да се согласат дали тартуфот е храна или зачин. Но едногласни се во оценката дека со него се постигнува врв на сите уживања.

Ј.К.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ