сабота, 27 јули 2024

Таравари тврди дека добил поддршка oд членовите на Централното собрание партијата да оди во опозиција

Членовите на Собранието гласаа за мојот предлог. Ви благодариме за довербата. Алијансата за Албанците и официјално одлучи да премине во опозиција. 8 мај е поблиску од кога било. Промената започна, напиша вечерва на својот фејсбук лидерот на Алијанса за Албанците (АА) по одржаното собрание на партијата во Куманово.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Таравари тврди дека го добил мнозинството на членовите на Собранието на партијата за да оди во опозиција со партиите на Албанците од опозицискиот блок.

„Присутни беа 75 претставници на централното Собрание и едногласно гласаа и потпишаа за целосна поддршка на претседателот за да реализира коалиција со албанската опозиција за по 20 години, ДУИ да оди во опозиција. Втората точка беше реализација на состанок со централното раководство. Алијансата на Албанците има 29 членови на тоа раководство, а 17 беа присутни и ја прифатија иницијативата“, кажа претставник од таборот на Таравари.

Елми Азири потпретседател на Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села, претседател на Централното собрание на партијта во емисијата 24 анализа рече дека има институции кои треба да ги разрешат физичките партиски пресметки. Тој тврди дека во АА имало екскомуникација од страна претседателот со структурата на партијата.

„Во тој период, претседателот имаше секојдневни средби со други други политички чинители од таканаречената албанска опозиција, со политички претставници надвор од државата, но не најде време да се сретне со нас. Ние неколку пати повикувавме да ги повика сите органи на партијата на разговор за сите случувања во овој предизборен период. Тој реши преку фејсбук да објави дека зазел став како Алијанса за Албанците ќе делува на следните парламентрани избори“, рече Азири.

Азир Алиу од крилото на Арбен Таравари и министер во информатичкото општество и администрација во истата емисија рече дека барањето за негово разрешување не го изненадило и дека тоа се преодни функции.

„Важно е додека си во функција да бидеш активен и да работиш. Дефинитивно сум задоволен дека имаме пет реформски закони кои ги поминаа сите филтри и очекувам пратениците за брзо време на пленарна седница да ги изгласаат. Овие други моменти се политички и тие треба да се анализираат и ние како политичари треба да ги менаџираме. Според мене, тоа е направен преседан од техничкиот премиер и за жал и оваа позиција ја почнува со преседан или пуч направен од дел од „дуистите“ во Алијансата кои тоа го бараат, без притоа истото да биде поткрепено. Двајца министри од Алијансата да бидат сменети со двајца други, без да ги запазат процедурите. За тоа ги информираме сите амбасади и тоа не знам кај ќе стигне со ваков преседан. Ова дефинитивно ќе се рефлектира во сите политички партии“, рече Алиу.

Наспроти ова, претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села за сабота, во Тетово исто така закажа седница на собранието.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва изјави дека СДСМ ги следи изјавите дадени во јавноста од лидерот на АА, Арбен Таравари кои се во насока дека гледаат преспектива во опозициониот блок. Петровска посочи дека ако сметаат дека опозицискиот блок дава подобри шанси, зошто воопшто седат во Владата и седењето во неа кога се на став дека подобра е опозицијата.

„Многу длабоко навлеговме во тоа што се случува во албанските партии, и за тоа дали е некој против ДУИ, а во државата на маса имаме нерешени прашања кои треба да ги решиме час поскоро за доброто на државата. Се заглавивме во дисикусија што се случува во нив. Она што е најважно за секој кој учествува во политиката особено во наредниот период како ќе доаѓаат изборите, е да бидеме чесни и одговорни пред сопственото гласачко тело, пред граѓаните. Едноставно да бидеме искрени и чесни. И да кажеме кој е планот на секој од нас и како политичари и како претставници на политички партии“, рече Петровска.

Состојбите во Алијанса на Албанците не се изненадување за поранешниот министер за здравство Имер Селмани, кој во вечерашното издание на Вин-Вин рече дека партијата минува низ најлошиот епилог во внатрепартиските однесувања во изминатите три-четири месеци, но и партиското позиционирање во пресрет на претседателските и парламентарни избори.

„Лично ги познавам повеќето луѓе во структурата на Алијанса на Албанците. И Таравари и Села ги познавам најмалку 20-тина години. Имаше ситни недоразбирања во последните шест месеци, меѓутоа ниту јас на крај не очекував дека толку драматично ќе биде почетокот на една голема поделба во Алијанса на Албанците“, изјави Селмани.

Премиерот Талат Џафери денеска достави допис во Собранието во кој предлага, на првата наредна седница, да бидат разрешени министрите за здравство и за информатичко општество Фатмир Меџити и Азир Алиу кои му дадоа поддршка на актуелниот претседател на АА, Арбен Таравари.

Седницата за  евентуално разрешување на двајцата министри е закажана за утре.

Пред утрешната седница на Собранието лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вечерва за ТВ 21 изјави дека не само што нема да гласа „за пратениците на Села“ туку и нема да дојде на седницата на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ