„Ги евалуираме повеќето директори, ни требаат повеќе индикатори. Не сакаме да постапуваме емоционално. Потребни ни се сигурни докази за таму каде што ќе утврдиме дека директорите не раководат како што треба, да ги замениме со подобри. Но, во моментов не би сакал да избрзувам. Треба да донесеме коректна и прагматична одлука,“ изјави Таравари како одговор на новинарско прашање за актуелните случувања на Детската клиника и Клиниката за респираторни болести кај децата „Козле“.
На прашањето за трагичниот случај со починатото седуммесечно бебе на Детската клиника и извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Таравари објасни дека се чека и извештај од стручна комисија.
„Имало три специјалисти таа вечер. Но, причекајте, очекуваме извештај од стручната комисија. Како Министерство веќе правиме евалуација за неколку директори, за да видиме како ја водат установата – колку стручно и компетентно. Потребно е да се постапува врз основа на податоци, а не емоции. Таму каде што има незадоволство или каде што работите не функционираат како што треба, ќе се преземат соодветни чекори,“ додаде министерот.