сабота, 27 јули 2024
Алијанса за Албанците се подели поради изборите

Таравари одлучи АА да ѝ се приклучи на опозицијата, Лога е против, Села бара одговорност од лидерот

Претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари вечерва побара поддршка од партиските органи за здружување со опозиција. Генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога пак вечерва повика АА да се придржува на досегашната одлука за самостоен настап на изборите. А поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села, сега претседател на Централното собрание смета дека Таравари како поединец не е орган кој носи одлуки и побара негова одговорност.

Објавено на

часот

Сподели

„Верувајќи непоколебливо во моите колеги партиски членови и во нашата заедничка визија, барам доверба дека Алијансата за Албанците ќе влезе во изборна трка со албанската опозиција, а заедно ќе го направиме најдоброто за оваа држава!“, напиша Таравари на својот официјален фејсбук профил.

Таравари смета дека по неколку недели чести консултации и состаноци и по негово лично размислување, време е јавно да ја објави неговата позиција како партиски лидер во однос на парламентарните избори.

„Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав и да го слушnам гласот на луѓето што денес зборуваa појасно од кога било. Граѓанинот бара промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија“, напиша Таравари.

Во објавата на Фејсбук Тарвари јавно го повикува партиското Собрание да даде поддршка на оваа негова одлука, и заедно да го поздрават овој процес кој го нарекува голема и долго очекувана промена.

„Никогаш оваа промена не била побезбедна и поранлива. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена! На пат сме, на патеката сме поплочена од Арбен Џафери. Овој пат ќе нè води таму каде што припаѓаме, во големото европско семејство, секогаш негувајќи го постојаниот сојуз со САД и НАТО со кои ја делиме истите вредности и визија“, напиша Таравари на фејсбук.

Генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога пак вечерва повика АА да се придржува на досегашната одлука за самостоен настап на изборите.

„Врз основа на медиумскиот интерес и општиот интерес, сакам да ве информирам дека Алијанса за Албанците нема разгледано ниту едно барање во нејзините партиски органи, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание во однос на предизборните коалиции. На сила е одлуката на Централното претседателство која едногласно беше изгласана да одиме сами на избори. Го повикувам Собранието на АА да го поддржи едногласниот предлог на претседателството, а тоа е, Алијанса за Албанците да излезе сама на парламентарните избори 2024 година“, напиша Лога на фејсбук.

А поранешниот лидер на АА, Зијадин Села, сега претседател на Централното собрание на партијата, исто така на фејсбук напиша дека до овој момент не е информиран за коалициска понуда со друга политичка партија и дека Таравари како претседател и поеднинец не е орган кој носи одлуки.

„Од моите неодамнешни средби со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така сум информиран дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на тоа што треба да се одлучи. Поединецот, во овој случај лидерот на партијата не е орган на одлучување, има право да му предложи на телото кое има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата, кое во моментот има одлука, а тоа е Алијансата за Албанците сама да се натпреварува на изборите. Следното тело за одлучување е партиското Собрание. Шверцерските тенденции на партијата, за сметка на не знам кој, преку фејсбук статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Обидите да се разјасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на претседателот на партијата како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците“, напиша Села на фејсбук.

Ако партиските органи го прифатат барањето на Таравари и Алијанса за Албанците отиде во коалиција со опозициските партии на Албанците предводени од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, тоа значи дека, АА ќе ги изгуби министерските места за здравство, правда и информатичко општество како и другите функции во пониските ешалони на власта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ