сабота, 27 јули 2024
Раскол во Алијанса за Албанците

Таравари добил поддршка од мнозинството, Села свика седница на која ќе се бара негова одговорност

Откако претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, за 24 часа се собрани потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена колку што брои Собранието на партијата. Во меѓувреме, поранешниот лидер и актуелен претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците Зијадин Села вечерва на прес-конференција во Тетово објави дека е против одлуката на Таравари и дека собраните потписи а поддршка не се вистински. Тој најави дека ќе свика седница на Централното собрание за в сабота на која ќе се бара одговорност за Таравари.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството собранија на Алијанса за Албанците (АА). За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозициа. Промената доаѓа“, се наведува во објавата на Фејбсук на АА.

А лидерот на АА, Арбен Таравари на својот фејсбук профил напиша дека откако јавно го објавил ставот станал „жив сведок на чудото на еден народ“.

„Знаев дека многумина ќе се согласат со мојата изјава откако ја донесов оваа одлука, но од вчера и до сега кога пишувам добив стотици илјади пораки со честитки, благодарност, инспирација и мотивацијата што ги надмина сите можни очекувања. Од тие стотици илјади пораки за поддршка, среќен сум што можам да ви кажам дека големата промена започна и дека ништо не ја спречува вашата сила. Вашите гласови од вчера го запалија духот на надежта, духот на верата, духот на промената“, напиша Таравари.

Цитирајќи го Мартин Лутер Кинг помладиот, Таравари вели дека на планината на очајот постои карпа на надежта.

„Од вчера видов како никогаш во мојот политички живот толку многу луѓе кои сакаат промени. Можам со сигурност да кажам дека Албанците станаа планина на надежта“, напиша Таравари.

Во меѓувреме, поранешниот лидер и актуелен претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците Зијадин Села вечерва на прес-конференција во Тетово објави дека е против одлуката на партискиот претседател Арбен Таравари АА да се приклучи на албанскиот опозициски фронт на претстојните избори.

Села смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а конечната одлука да ја донесат партиските тела.

Тој најави дека ќе свика седница на Централното собрание за в сабота на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата Арбен Таравари.

За тоа дека Таравари собрал мнозинство потписи со поддршка, Села рече дека тие не се вистински и дека АА не е партија на потписи.

„Собира потписи? Не се вистинити. Тоа е голема лага. Само да се вметне несигурност и недоверба меѓу луѓе кои делат ист идеал и кои затоа се групирани во оваа политичка партија. Алијансата на Албанците не е партија на потписи. Статутот на партијата вели може да се собираат потписи за да се свика Централно претседателство. Ама за тоа нема потреба, бидејќи јас сум тука и молам цели два месеци да дојдеме на правиот пат кој треба да донесе до свикување на Централното претседателство. Ова само кажува за уште подлабоко кршење на Статутот на партијата. Нема такво право. Ја злоупотребува позицијата која ја има“, рече Села.

Претседателот на партијата Арбен Таравари синоќа објави дека АА ќе му се приклучи на албанскиот опозициски фронт. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ