недела, 20 октомври 2024

Таравари: До 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите, но за жал, новинарите не ги следат тие вести

60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавното здравство, но за жал, новинарите не ги следат тие вести, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конфренција по повод 100 дена нова Влада „100 отсто посветени! За тебе“. Тој информираше дека Владата ја укинала забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство и дека ќе инсистира хирурзите и интернистите, ако сакаат, ќе може да работат и дополнително за да не чекаат пациентите.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

На денешната прес-конференција за 100 дена Влада, на новинарско прашање за тоа какви реакции добива од граѓаните на отворената линија за контакт со него, Таравари кажа дека официјално еден ден во неделата се гледа со пациенти, но секојдневно комуницира со граѓани, пациенти.

„Мојот впечаток е дека околу 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите коишто работат во јавните здравствени установи. Меѓутоа, за жал, новинарите од нив не прават вести за пациените кои се задоволни. Околу 20 до 30 отсто има пациенти коишто не се задоволни. Има разноразни забелешки од нив, некои оправдани, некои не се оправдани, да бидеме искрени. Некогаш некој чека пет минути и е нервозен. Сите чекаме некаде. И во банка кога одиме, чекаме 10 минути, па не викаме. Некои се нервираат, некои и со право се жалат. Кога имало жалби сме комуницирале и директно со докторите од кои се жалеле, некогаш сум ги соочувал граѓанинот – пациентот со докторот и на крајот на краиштата здравственот систем постои заради пациентите и тие се центарот во орбитата на здравствениот систем“, рече министерот.

Според Таравари, и докторите и другиот медицински персонал се многу важни и треба да се мотивираат  здравствените работници, не секогаш се лошо да се кажува за нив, туку и да бидат пофалени.

„Има одредени забелешки коишто држат, се обидуваме со разговор со нашите колеги тоа да го амортизираме и тоа да не се повторува, а ако се повторува од ист колега повеќе пати, повеќе пациенти да се жалат, тогаш ќе преземеме мерки коишо може да ги преземе Министерството за здравство“, кажа Таравари.

Тој информираше дека Владата ја укинала забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство.

„Имаше една забрана од Владата од август 2022, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните. Пред три недели ја поминавме на Влада одлуката да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство подготвуваме правилник. Тоа нема да важи за сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба. Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме“, рече Таравари и најави дека за 10 дена ќе биде готов правилникот.

Тој соопшти дека ќе инсистира хирурзите и интернистите, ако сакаат, ќе можат да работат и дополнително за да не чекаат пациентите.

„Ќе инсистирам кој сака да може да работи дополнително, и хирурзи и интернисти да работат за да не чекаат пациентите. Хирурзите можат да оперираат и за викенд“, рече Таравари и најави дека лекарите специјалисти од приватните здравствени установи ќе можат да се вработат во државните здравствени установи.

Таравари говореше и за долгите листи на чекање за хируршки операции кои дополнително се влошени поради проблемот со компресорската станица на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

„Еден закон е поминат пред изборите, а тој дозволува кој каде сака да работи. Не сум против тоа лекарите да работат дополнително, ама во јавните здравствени установи, а не во приватните. Ќе инсистирам кој сака да може да работи дополнително, и хирурзи и интернисти да работат за да не чекаат пациентите… Хирурзите можат да оперираат и за викенд. Но, компресорските станици си го направија своето“, изјави министерот за здравство.

Таравари денеска вети дека ќе направи сѐ во координација со Министерството за финансии барем на половина од средно медицинскиот кадар кој работи со договор на дело да биде вработен во јавните здравствени установи.

Според него, во здравството до сега имало околу 2.500 договорци, генерално среден медицински кадар, медицински сестри, болничари и хигиеничари, за што рече, дека од посетите на болниците му било укажано дека има посебен недостаток.

„Како Влада треба да се усогласиме со Министерството со финансии да видиме дали има ресурси. Јас сум со идеја барем на половина од овие, односно на 1.250  да им дадеме решенија. Директорите ќе кажат на кои, тие најдобро знаат кој вреди да продолжи и кој не е добро да продолжи, туку треба да најдеме подобар од него. Ми треба дефинитивна координација со министерката за финансии, ќе направам се што можам барем на половина да им дадеме решение и да можеме повторно да примиме нови договорци и недостатокот да го покриеме3, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата по повод 100 дена од новата Влада.

Проблемот со договорците, нагласи, не е проблем во една клинина или една болница туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата.

Тој ја повтори одлуката на Владата дека годинава ќе бидат вработени 300 специјализанти и најави дека за следната година се планира вработување на уште 300 други специјализанти.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ