Таравари нагласи дека неговата партија ќе делува активно за да се случат уставни измени.
„Тоа не е само наше инсистирање, туку на поголемиот дел од надворешните политички фактори кои изминативе 30 месеци ја поддржуваат Македонија во евроинтеграциските процеси. Тоа се гледа и во изјавите на амбасадорите и министрите за надворешни работи кои сметаа дека Македонија и Албанија треба заедно да ги отпочнат преговорите“, изјави Таравари.
За противењето на опозициската ВМРО – ДПМНЕ да се спроведат уставни измени и реакциите на политички фактори во земјава околу отстранување на процентот на Албанци од Уставот, Таравари смета дека споредбите со Хрватска не се соодветни и го повтори партискиот став дека Македонија и Хрватска не може да се споредуваат, со оглед на податоците од последниот попис во кој Македонци се 54, а Албанци 30 проценти.
„Ако веќе сакаме да се споредуваме, тогаш да ги погледнеме примерите на Швајцарија на Белгија и земји кои имаат слична демографска слика. Сметам дека ВМРО – ДПМНЕ тоа го прават за да добијат поени кај луѓе кои се ултранационалисти. Не верувам дека така мислат, како што зборуваат на прес конференции“, рече Таравари.
За одржување на предвремени парламентарни избори оваа година, Таравари смета дека тие нема да се случат и се повика на партиските анализи.
„Сметам дека прво ќе има претседателски, па потоа парламентарни. Ќе седнеме ние, четири-пет поголеми партии и ќе одлучиме дали ќе има избори, како што било и досега“, подвлече Таравари.
Фото: Општина Гостивар