На седницата на Собранието на Македонија, на која треба да се гласа за разрешување на министерите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои се од редовите на Алијансата за Албанците, лидерот на ДПА, Мендух Тачи нема да присуствува.
Тој денеска влезе во зградата на Собранието и на новинарите им појасни.
„Јас вчера не реков дека не доаѓам во Скопје. Дојдов, но како што кажав, нема да гласам. Зијадин Села повеќе не заслужува да постои на политичката сцена, тој е обичен криминалец, измамник и нема причина сега да изразиме каење за неговите предлози“, изјави Тачи.
На прашањето дали парламентарното мнозинство има доволно гласови за разрешување на министрите, Тачи рече дека смета оти има доволно гласови и додаде.
„Но, тоа е нивен проблем“.
Некогаш Тачи и Села беа сопартијци во ДПА, но настана раскол во партијата, по што Села реши да ја формира Алијанса за Албанците.