сабота, 27 јули 2024
Средба на лидерите на ДПА и Партијата на слободата

Тачи се согласил со Мета: „Да се биде во опозиција е многу голема мисија“

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, кој е во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, имал средба со поранешниот претседател на Албанција, Илир Мета, кој е лидер на Партијата на слободата. „Се согласивме дека да се биде во опозиција е многу голема мисија“, вели Мета во објавата на Фејсбук.

Објавено на

часот

Сподели

Мета на својот фејсбук-профил сподели и кусо видео од средбата. Лидерот на албанската Партија на слободата вели дека во фокусот на средбата со Мендух Тачи биле „Албанците во Северна Македонија како клучен државотворен фактор“, каде, според Илир Мета, тие и понатаму ќе бидат главната гаранција за европското и евроатлантското патување.

„Посебно задоволство е да ве поздравам оваа вечер од Тирана со лидерот на историската партија на Албанците во Северна Македонија, Демократската партија, г-дин Мендух Тачи.

Ја делиме истата оценка дека да се биде во опозиција е многу голема мисија.

Албанците во Северна Македонија се клучен државотворен фактор, тие ќе продолжат да бидат главната гаранција за европското и евроатлантското патување на соседната држава која е наш пријател и партнер, која е многу важна за нас и за виталноста на регионот и неговата европска иднина“, напиша Мета во својата објава на Фејсбук.

Инаку, за разлика од оценката на Мета и Тачи дека „да се биде во опозиција е многу голема мисија“, лидерот на Европски фронт и лидер на ДУИ, Али Ахмети смета дека ако партиите од Европскиот фронт не бидат во власта дека тоа нема да биде добро за стабилноста на Македонија, ниту ќе биде одраз на волјата на гласачите. Вчера на прес-конференција Ахмети соопшти дека сите партии од фронтот потпишале политичка декларација и дека ги известуваат и западните држави дека коалицијатга меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе значи непочитувањето на легитимитетот, претставува понижување кон Албанците и други немакедонски заедници и дека овозможува воспоставување на етничка хегемонија, „спротивно на духот на Охридскиот договор. На прес-конференцијата беше присутен и Тачи како лидер на ДПА.

Но, во 2008 година ДПА на Мендух Тачи во 2008 година беше исклучена од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ  на Никола Груевски токму по инстистирање на ДУИ на Ахмети со тврдење дека според бројот на гласови на вонредните избори таа година, го има легитимитетот на Албанците да ги претставува македонските Албанци. Претходно ВМРО-ДПМНЕ и ДПА ја делеа власта и се сметаа за традиционални партнери.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ