петок, 25 октомври 2024

СЗО ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за глобална здравствена криза

Светската здравствена организација (СЗО) денеска прогласи глобална вонредна состојба за јавното здравство по втор пат во последните две години, по избувнувањето на вирусната инфекција мајмунски сипаници во Демократска Република Конго, која се прошири и во соседните земји, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мајмунските сипаници се заразна болест, се пренесува со близок контакт, најчесто е блага, а во ретки случаи може да биде и фатална. Предизвикува симптоми слични на грипот и гнојни лезии по телото.

Означувањето на појавата на некоја болест за „вонредна здравствена состојба од меѓународно значење“ е највисокото ниво на предупредување на СЗО и може да го забрза истражувањето, финансирањето и меѓународните мерки за јавно здравје и соработка заради сузбивање на болеста.

Епидемијата во Конго започна со ширење на ендемичен сој.

Но се чини дека новата варијанта полесно се шири преку рутински близок контакт, вклучително и сексуален контакт.

Од Конго се прошири во соседните земји, вклучувајќи ги Бурунди, Кенија, Руанда и Уганда, што ја поттикна СЗО на акција.

„Јасно е дека е неопходен координиран меѓународен одговор за да се запрат овие епидемии и да се спасат животи“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Претходно оваа недела, највисокиот африкански орган за јавно здравје прогласи вонредна состојба поради мајмунски сипаници на континентот, откако предупреди дека вирусната инфекција се шири со алармантна брзина.

Повеќе од 17.000 сомнителни случаи на мајмунски сипаници и 517 смртни случаи се пријавени на африканскиот континент досега оваа година, што е зголемување од 160 отсто во однос на истиот период минатата година, соопшти Африканскиот центар за контрола и превенција на болести.

Вкупно 13 земји пријавиле случаи.

Поинаква форма на вирусот се прошири низ светот во 2022 година, главно преку сексуален контакт меѓу мажи што имаат секс со мажи, вели Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ