сабота, 27 јули 2024

СЗО: Денга треската наскоро ќе се прошири на југот на Европа

Денга треската ќе стане главна закана во јужна Европа, јужниот дел на Соединетите Држави и делови на Африка оваа деценија, бидејќи потоплите температури создаваат поволни услови за комарците кои ја носат болеста, рече главниот научник на СЗО.

Објавено на

часот

Сподели

Оваа болест долго време хара во голем дел од Азија и Латинска Америка, предизвикувајќи околу 20.000 смртни случаи секоја година. Стапките на болеста веќе се зголемени за осум пати на глобално ниво од 2000 година, главно поттикнати од климатските промени, како и од зголеменото движење на луѓето и урбанизацијата.

Многу случаи остануваат непријавени, но 4,2 милиони случаи беа пријавени ширум светот во 2022 година, а претсавници на јавното здравство предупредија дека оваа година се очекуваат рекордни нивоа на пренос. Бангладеш моментално ја доживува својата најлоша епидемија досега, со повеќе од 1.000 смртни случаи.

„Треба да зборуваме многу поактивно за денга треската“, изјави за Ројтерс Џереми Фарар, специјалист за заразни болести кој се приклучи на Светската здравствена организација (СЗО) во мај оваа година. „Треба навистина да ги подготвиме земјите за тоа како ќе се справуваат со дополнителниот притисок што ќе дојде во иднина во многу, многу големи градови“.

Фарар претходно поминал 18 години работејќи во Виетнам на тропски болести, вклучително и денга треската. Тој подоцна ја водеше глобалната здравствена добротворна организација Фондацијата Велком и ја советуваше владата на ОК за одговорот на ковид-19 пред да се приклучи на СЗО во мај оваа година.

Фарар рече дека инфекцијата најверојатно ќе „долета“ и ќе стане ендемична во делови од Соединетите Држави, Европа и Африка – региони каде што веќе имаше ограничен локален пренос – бидејќи глобалното затоплување ги прави новите области гостопримливи за комарците што ја шират. Ова ќе изврши голем притисок врз болничките системи во многу земји, предупреди тој.

„Клиничката нега е навистина интензивна, бара висок сооднос на медицински сестри и пациенти“, рече тој. „Навистина сум загрижен кога ова ќе стане голем проблем во субсахарска Африка“.

Повеќето луѓе кои добиваат денга немаат симптоми, што значи дека се смета дека стапките на случаи се далеку повисоки од пријавените бројки. Симптомите вклучуваат треска, грчеви во мускулите и болки во зглобовите, а во помалку од еден процент од случаите болеста резултира со смрт.

Не постои специфичен третман за денга, иако постои достапна вакцина. Претходно оваа недела, СЗО ја препорача вакцината Кјуденга на Такеда фармасутикалс за деца на возраст од 6 до 16 години во области каде што инфекцијата е значаен јавно здравствен проблем.

Кјуденга беше одобрена и од регулаторите на ЕУ, но Такеда ја повлече својата апликација во Соединетите Држави претходно оваа година, наведувајќи ги како причина проблемите во собирањето податоци. Такеда рече дека сè уште преговара со американската Администрација за храна и лекови за вакцината.

Денга се шири од заразените комарци Аедес аегипти, кои се однесуваат поинаку од видовите што пренесуваат маларија. На пример, тие гризат луѓе во затворени простории и во текот на целиот ден, а не само преку ноќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ