„Се надеваме дека ова наше барање и предупредување ќе најде можност да допре до јавноста.
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, изразува огромно незадоволство од усвоениот буџет во делот за програмата за инсулинска терапија. Имено сумата од 860 милиони денари е оставена истата како и претходната година, а во 2025 очекуваме распишување на нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027, а имавме и ветувања и од министерот за здравство д-р Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM сензори и инсулински пумпи) кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.
Со ваков буџет нема да можат да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала кои веќе се достапни во земјите околу нас (Босна и Херцеговина, Косово и Србија). Согласно искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година во година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства. Како Сојуз сме загрижени, дека поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8% од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има недијагностицирани уште минимум 2-3%). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот.
Како најголема пациентска организација во Македонија во изминатиот период ги следевме и објавуваме реакција на наши членови за периодични недостатоци на инсулинска и анти-дијабетна терапија. Од нашите локални здруженија се добиени очекувања дека ќе биде зголемен бројот на пациенти кои се поставени или ќе бидат поставени на терапија со најновата генерација на инсулини и на антидијабетна терапија и дека конечно ќе може да добиеме, CGM за сите со Тип 1 дијабтес (тоа се околу 3.500 лица во МК) и модерни глукомери и ленти од најновата генерација (кои во согласнотс со ISO стандардите, и тие на ЕМА и ADA) кои се со подобар квалитет.
Апелирме до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нашите потреби и очекувања и да го запазиме континуитетот во подобрувањето на третманот на нашите пациенти. Ние како СЗСДМ сме сериозен и посветен партнер во грижата за пациентите со дијабетес и поради тоа бараме и очекуваме да бидеме активно вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер. Бараме наш претсавник/ци да биде дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес. Само со ваква соработка ќе покажеме дека декларативната поддршка на сите наши партнери и владини институции ќе биде демонстрирана во реалност.
Во спротивно, сојузот, локалните здруженија, ќе ги организира сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства, во активно покажување на нашиот револт пред здравствените и владините институции во Македонија.
Дополнително, ќе ги известиме сите меѓународни здравствени институции на европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во МК, како и за необезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес во нашата држава.
Ви се нудиме на располагање со сите свои ресурси (и логистички и човечки), во зедничко решавање и надминување оваа состојба и проблеми на лицата со дијабетес во Македонија.