„Вакви поднесоци ќе се изготвуваат и во наредниот период со цел да се овозможи нормален сообраќаен проток низ градските улици и да се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците. Глобите за непочитување на оваа законска одредба се движат од 100 до 1.000, односно до 10 илјади евра, зависно од тоа дали е физичко или правно лице и плус 500 евра за одговорното лице на правниот субјект“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Портпаролот Јосифоски го пренесува апелот на Секторот за внатрешни работи Тетово до граѓаните и претпријатијата задолжени за одржување на јавната хигиена во Тетово. Им се препорачува целосно и безусловно да се придржуваат на Законот за јавна чистота и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
„Граѓаните да не ги оставаат отпадоци каде ќе стигнат и надвор од контејнерите и другите садови за таа намена, а претпријатијата редовно да го подигаат сметот и да не дозволат создавање на купишта со расфрлани отпадоци. Зашто, неретко купиштата отпадоци или неправилно поставени контејнери го попречуваат нормалното и безбедно движење на возилата и пешаците, пред сè и на некои потесни места и предизвикуваат застој во одвивањето на сообраќајот“, потенцира Јосифоски.