петок, 18 октомври 2024
Само една пријава до АХВ за продажба на месо преку социјални мрежи

Свински полутки и сланина на онлајн-продажба, продавачите анонимни, казни нема

Свински полутки, сланина, цели прасиња, пилешко, а и јунешко месо се продаваат на социјалните мрежи без проверки или каков било документ за начинот на чување и хранење. На огласите на кои е оставен телефонски број, прикачени се и фотографии од месо што ставено на земја на најлон-ќеси, а потрошувачите што ќе го купат добиваат единствено усна гаранција дека месото е квалитетно и безбедно за здравјето. Цените што ќе ги платите се пониски од оние во маркетите и месарниците, но единствено зборот на продавачот на граѓаните им е гаранција дека купиле и ќе јадат квалитетно домашно месо.

Објавено на

часот

Сподели

За продажбата на месо од нерегистрирани продавачи одговор побаравме од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од каде што ја контролираат работата на одобрените и регистрираните оператори со храна, односно на сите што се внесени во легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние што вршат електронска продажба на своите производи.

Податоците што ги добивме не влеваат надеж дека продажбата на непроверено месо може да запре, но се чини дека сѐ останува на свеста и на продавачите и на купувачите.

„Во рамките на своите можности и надлежности, преку Одделението за спречување измами со храна и инспекциските служби, во соработка со други институции како што се МВР, Обвинителството и други, Агенцијата презема и активности за откривање на веродостојноста на профилите на лицата што продаваат производи преку интернет и на социјалните мрежи. Обврска на граѓаните е да бидат свесни и одговорни потрошувачи, односно кога пазарат преку интернет, да водат сметка и да проверат дали операторите се регистрирани/одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, односно дали тие, иако вршат и онлајн-трговија, се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата“, стои во одговорот од АХВ.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата ги повика граѓаните да не наседнуваат и да не купуваат непроверени и небезбедни производи (храна, храна за животни, додатоци во исхраната…) што се нудат преку социјалните мрежи од нерегистрирани и неодобрени оператори.

За секоја недоследност, потрошувачите можат да ги известат надлежните инспекциски служби на Агенцијата, лично, на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, или електронски на [email protected].

Од АХВ појаснуваат дека секое производство треба да е регистрирано и одобрено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, во овој случај согласно со Правилникот за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски ели економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи за производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики (Службен весник на РСМ, бр. 144 од 15.7.2019 година).

Месото што се продава онлајн треба да подлежи на официјални контроли

Според Правилникот на којшто се повикува АХВ, месото што е наменето за консумирање или изработка на производи од месо потребно е да потекнува од одгледувалиште што е регистрирано од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, согласно со Законот за идентификација и регистрација на животните треба да подлежи на официјални контроли и да не е предмет на забрана во согласност со прописите од областа на ветеринарното здравство заради сомневање на жариште на болест или појава на болест кај животните. Животните треба да ги задоволуваат условите за посебните видови животни и нивна намена согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство, да се идентификувани и регистрирани во согласност со прописите од областа на Законот за идентификација и регистрација на животните на начин што овозможува да се следат одгледувалиштето на потекло или привремен престој, времето на излачување на аплицираните ветеринарно-медицински производи да е запазено и да не покажуваат знаци на нарушена здравствена состојба.

Сопственикот на животните треба да води и тековно да ажурира листа за примена на ветеринарно-медицинските препарати и медицирана храна за животни кај животните што се во негова сопственост, а чии производи се наменети за исхрана на луѓето, согласно со прописите од областа на ветеринарно-медицинските препарати.

Со овој подзаконски акт (за директно снабдување) се обезбедува поддршка и развој на индивидуалните земјоделски производители и на малите производители на храна од животинско потекло без да се доведе во прашање безбедноста на храната, водејќи сметка за зачувување на нејзините традиционални карактеристики. Овој подзаконски акт овозможува флексибилна примена на законските и подзаконските акти што се однесуваат на храната, без да се доведува во прашање нејзината безбедност.

Само една пријава за продажба на месо преку социјални мрежи

До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство минатата година од страна на невладина организација за заштита на животните поднесена е само една претставка за продажба на месо преку социјалните мрежи (ФБ), кое било наменето за исхрана на кучиња. Инспекциските служби постапиле по поднесената претставка против физичко лице, кое е казнето со парична казна.

Од АХВ велат дека многу тешко се откриваат лицата што онлајн продаваат месо и месни производи, најчесто преку социјалните мрежи, бидејќи се нерегистрирани и неодобрени од Агенцијата.

„При продажба преку социјалните мрежи, овие лица оставаат само контакт-телефонски броеви и нарачката ја вршат исклучиво преку карго, без да се наведе точна адреса на испорачателот на пратката. Продажба на сувомесни производи минатата година (2023) беше откриена од страна на инспекциските служби на АХВ. Направена беше контрола на самото место (во дворот на лицето што произведува и продава сувомесни чадени производи без одобрение од АХВ). Затекнатите количества од околу 50 килограми беа запленети на лице место и нештетно уништени“, појаснуваат од АХВ.

Храната во земјава од домашно производство и од увоз е предмет на контрола од страна на АХВ. Се контролира домашниот пазар и сите фази на производство, преработката, дистрибуцијата и продажбата, во рамките на редовните, вонредните и контролните надзори, кога се постапува по претставки поднесени од граѓани и правни лица, по добиени нотификации за пласирана небезбедна храна од Европскиот систем за известување за небезбедна храна (РАССФ). Контроли се спроведуваат и во рамките на мониторинг-програмите за безбедност и квалитет на храната, за храна од домашно производство и од увоз.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во јануари годинава спровеле вкупно 4.808 контроли, од кои 2.474 редовни, 306 контролни и 2.028 вонредни. Изречени се вкупно 369 инспекциски мерки (312 решенија, 27 едукации, 27 покани за порамнување со прекршочен платен налог, а поднесени се и 3 прекршочни пријави). Во јануари годинава инспекторите за храна исконтролирале 3.269 пратки со храна од неживотинско потекло и 1.094 пратки од увоз и 322 пратки во транзит со храна од животинско потекло. Во првиот месец од годинава нема вратени и уништени небезбедни пратки ниту од неживотинско ниту од животинско потекло.

Во 2023 година извршени се вкупно 56.951 инспекциски надзор. Изречени се 5.642 инспекциски мерки, од кои 4.294 решенија, 926 едукации, 352 покани за порамнување. Поднесени се и 11 кривични и 59 прекршочни пријави.

Поништени се 147.415 килограми храна, 38.719 од инспектори и 108.696 килограми од оператори. Уништени биле и три увезени пратки производи од неживотинско потекло (38.636 килограми). Забранети пратки од увоз на храна од животинско потекло се 14 со количество од 216.979 килограми. Од нив, уништени се 3 пратки со количество од 4.783 килограми.

Минатата година немало забранети пратки од увоз со производи и материјали што доаѓаат во контакт со храната.

Ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање соодветни мерки против африканска чума, земјава може да остане без свинско месо, предупредија минатиот месец учесниците на обуката „Мисија за одржлива техничка помош (СТМ) за африканска свинска чума”, којашто ја организираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Месечно во земјава се јавуваат по еден до два нови случаи на болеста африканска свинска чума, и тоа токму кај нерегистрираните, мали семејни фарми, кои не посветуваат големо внимание на биосигурносните мерки.

Од првиот случај во 2022 година до денес, кај нас се регистрирани 62 жаришта, а депопулација е извршена на преку 14.000 свињи. Против вирусот на африканска чума сѐ уште нема вакцина, ниту лек.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ