понеделник, 20 мај 2024

„Свилени времиња“ – нова стихозбирка на Марина Мијаковска

Во издание на Матица македонска излезе од печат најновата стихозбирка „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска. Книгата содржи 84 песни распределени во три компактни циклуси: Проветрено време, Свилени времиња и Времено сидро.

Објавено на

часот

Сподели

За „Свилени времиња“ на Мијаковска д-р Лилјана Пандева во поговорот на книгата  констатира дека:

„Првата помисла за свилени времиња би била за меки, нежни, сјајни, шарени времиња. Затоа што тоа е првата асоцијација за свилата. Но, ако Мијаковска така ги пееше времињата, не ќе ја имавме оваа стихозбирка ваква каква што е: полна со симболика, неверојатно метафорична,  на  моменти  метафизичка, но и реална. Секако, потребна е вештина за да се открие токму секојдневието скриено под еден таков наслов. И повторно му се навраќаме на насловот, односно на свилата како материјал со сјаен изглед што потекнува од триаголна структура (поетски: три димензии), што ѝ дозволува на свилената ткаенина да ја прекршува светлината од различни агли, а тоа го може затоа што во основата свилата има голема тврдост, посилна е и од челик, растеглива е, тешко запалива и кај Мијаковска е превезот на сите времиња, какви и да се, или прекриени под нејзиниот превез или заштитени од настаните во просторот (дистопијата, граничните состојби, зазорот, нарушувањето на поредокот, недостатокот на рамнотежа.)“

Марина Мијаковска до сега ги има објавено стихозбирките: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ