сабота, 27 јули 2024

Светската елита во Давос: „Тоа се моќниците одговорни за војните“

Газа, Украина, трговијата преку Црвено Море – се очекува геополитиката да доминира со годишниот состанок на светските политички и бизнис елити кој во понеделник почнува во Давос.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Состанокот на Светскиот економски форум (ВЕФ) во швајцарските Алпи ќе се одржи во најсложениот геополитички и економски контекст во неколку децении“, призна оваа недела Борге Бренде, претседателот на организацијата.

„Војната во Газа продолжува и се стравува дека ќе ескалира“, предупреди Бренде. „Ќе ги собереме клучните луѓе за да видиме дали можеме да избегнеме понатамошно влошување на ситуацијата и да ја разгледаме иднината“.

Војните, климатските промени, дипломатските тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Кина околу Тајван и нападите на комерцијалните бродови во Црвено Море ќе бидат на дневниот ред.

„Геополитиката е како да гледате изведувач во циркус како жонглира со чинии на стапови“, кажа за Франс прес Карен Харис, партнерка и економистка во консултантската компанија Бејн енд компани.

Во Давос би требало да пристигнат повеќе од 60 шефови на држави и влади, меѓу нив и премиерот Ли Чијанг кој ќе биде највисокиот кинески функционер од претседатело Си Џинпинг во 2017 година.

Ќе биде присутен и новиот аргентински претседател Хавиер Милеј кого поради антисистемските ставови го споредуваат со Доналд Трамп. Ќе присуствуваат и стотици економисти и бизнисмени.

Се очекува во Давос да дојде американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливен, израелскиот претседател Исак Херцог, па дури и премиерот на Либан, Катар и Јордан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно на присутните им се обраќаше само преку видео-линк, оваа година ќе допатува во Давос. Ќе учествува утре, пред ВЕФ, на состанокот на советниците за национална безбедност на неколку земји.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе зборува за „улогата на Франција во Европа“.

Швајцарското скијалиште ќе биде строго надгледувано. Околу 5.000 швајцарски војници учествуваат во безбедносниот систем во кој се спроведуваат постојани патролни летови на борбени авиони над целата земја.

Темата на форумот е „повторна изградба на довербата“, а целта е, освен глобалните конфликти, да се стави акцент на вештачката интелигенција која организаторите ја опишуваат како „сила за економијата и општеството“.

Меѓу големите имиња на глобалниот капитализам се издвоени шефот на Мајкрософт Сатја Надела и Сем Алтман, шефот на Опен АИ, компанијата одговорна за ЧетГПТ.

Климата и сајбер безбедноста се на дневниот ред, како и ризиците поврзани со дезинформациите кои „можат да го поткопаат легитимитетот на новоизбраните влади“, се наведува во Извештајот за глобалните ризици кој ги објави ВЕФ.

„Освен ризиците од дезинформации поттикнати од вештачката интелигенција, но и општествената поларизација, оваа година тука се и загриженоста поради постојаната криза на трошоците за живот“, соопшти ВЕФ.

ВЕФ е и оваа година мета на критики. Швајцарските социјалисти, кои повикуваат на протести утре, ја осудија „затворената средба на моќните и богатите“ кои „се одговорни за кризите и војните“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ