сабота, 21 декември 2024

Светозар Јаневски од Меѓународната федерација на вински братства доби диплома за значајни достигнувања во винската индустрија

За силна посветеност кон развојот, модернизацијата и афирмацијата на македонското винарство, градење на македонската винска култура и промоција на македонското вино, кое добива респектабилно место на глобалниот пазар, Меѓународната федерација на винските братства му додели почесна диплома на Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ и претседател на здружението „Вина од Македонија“. Тој е прв добитник од земјава на оваа престижно признание.

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународната федерација на вински братства ја доделува оваа почесна диплома на лица со докажана меѓународна репутација и достигнувања во областа на производството, продажбата и промоцијата на вино, како и експертиза во винската дегустација.

Примајќи ја оваа угледна награда, претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски изјави: „Секој успех и достигнувања почнуваат со визија, а за нејзина реализација треба многу упорност, работа и знаење. Мојата визија кога започнав да делувам во винскиот бизнис беше да создадам македонски производ кој ќе биде на исто рамниште со најпрестижните вински брендови. Бев уверен дека не е важно дали бизнисот се наоѓа во мала или голема земја, туку дека важни се луѓето и идејата која ги обединува. Денес можам со задоволство да кажам дека ние го живееме нашиот сон, нашата визија стана реалност. Ова признание за мене е поттик да поставам нови цели и да се стремам кон нивно достигнување“.

Меѓународната федерација на вински братства е основана во 1964 година, со седиште во Париз, а посветена е на промоција, едукација и унапредување на винската култура и презентација на нови вински региони. Конзулатот на вински витези на Македонија, кој е основан во 2004 година, е членка на оваа федерација и работи на промоција и унапредување на македонската винска индустрија.

При доделувањето на почесната диплома, претседателот на Меѓународната федерација на винските братства, Алан Бриден истакна: „Со своите специфични квалитети кои се спој на карактеристиките на поднебјето, на модерна технологија, традиција и труд, македонското вино доби значајно место на глобалната винска карта. Тоа е резултат на многу работа, посветеност, експертиза и големо лидерство. Промените и успехот не се случајни и оваа награда ја доделуваме со цел да изразиме почит за ова достигнување, со надеж дека таа ќе биде само поттик за нови успеси и понатаму“.

Доделувањето на почесната диплома се одржа во рамки на одбележувањето на 5. Октомври – Светскиот ден на вранецот, во Националната опера и балет во Скопје. Во рамки на ова одбележување беше организиран вински салон на кој беа презентирани најдобрите македонски и регионални вина од Балканот создадени од оваа автохтона сорта, како и концерт на познатиот јапонски оперски пеач Казухиро Котецу – основач на Токискиот камерен оркестар „Вранец“ – кој минатата година беше назначен за Амбасадор на вранецот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ