Писателката Калина Малеска денеска на прес-конференција се заблагодари за оваа награда, посочувајќи дека во иднина ќе биде повеќе присутна со споделување на своите мисли, на своите тези и размислувања во врска со книжевни, но и вонкнижевни теми, кои се дел од светот околу нас.
„Чест ми е што многу прашања кои ги сметам за важни, како што се образованието, односот кон другоста, односот кон различностите, од општествените стигми, идентитетот, принудните локации, еманципацијата и многу други теми кои ми беа важни и за кои многу размислував како да ги вообличам во еден книжевен текст, а тоа е овој роман, беа препознаени од страна на членовите на жири комисијата и од страна на другите читатели. Честа реченица која ја слушав во изминатите години е дека наградите претставуваат истовремено и обврска. Оваа реченица ја доживувам како вистинита. Поднасловот на овој роман ‘Светот што го избрав’ е ‘Си поставувам себеси стапици, за да се заштитам од своите слабости’ “, рече Малеска.
Како што посочи, оваа награда ја гледа како обврска, но и должност повеќе да пишува за работи коишто се актуелни и значајни во секојдневниот живот и во светот околу нас.
Претседателката на жири комисијата и минатогодишна лауреатка, Лидија Димковска на денешната прес-конференција посочи дека „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере.
„Ова е роман што апсолутно го заслужува називот Роман на годината за 2024 година, затоа што станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува, во сите времиња и простори. Кус, концизен, матестрално напишан, ‘Светот што го избрав’ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот, што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал, туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена го напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи, во чија комисија хонорано соработува и Леона“, вели Димковска.
Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски на прес-конференцијата се заблагодари на жири комисијата, како и на Комерцијалната банка, која осум години ја поддржува оваа награда.
„Сакам да се заблагодарам на сите што се заслужни за оваа награда, особено на жири комисијата, која годинава имаше 43 романи на читање, што не беше воопшто лесно да се исчитаат, а камо ли да се оценат“, рече Георгиевски.
Наградата Роман на годината се доделува по 26-ти пат. Во најтесниот избор за наградата, годинава влегоа трите романи; „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“), „Светот што го избрав“ од Калина Малеска („Или-или“) и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљска („Антолог“). Жири-комисијата беше составена од Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева.
Романот на годината за 2024 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок. Наградата Роман на годината се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.