петок, 26 декември 2025

Зошто сè повеќе млади се вртат кон религијата

Порастот на религиозната посветеност кај младите, според аналитичарите, е поврзан со проблемите и неизвесноста на денешницата, а понекогаш и со потрагата по идентитет, пишува француски Монд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ибтисем (која побарала да не ѝ се наведува презимето) муслиманската вера ја наследила од семејството. За оваа 18-годишна девојка религијата долго време повеќе била прашање на култура отколку на духовност. Како што објаснила, никогаш не покажувала посебен интерес за верата воопшто, ниту за исламот конкретно. „Имав верско образование, но таа тема не ме интересираше особено“, вели ученичката. Сепак, сè се променило кога наполнила 15 години.

„Моето средно училиште беше веднаш спроти Големата џамија во Стразбур. Една пријателка, која штотуку дојде во градот и не го познаваше крајот, инсистираше да одиме таму. Таму открив еден сосема нов свет“, раскажува Ибтисем.

Ја привлекла програмата за млади со неделни средби, на кои секој можел да поставува прашања и да ги упатува до имамот. Отишла еднаш, па вторпат, а набргу станала активна членка на групата. Почнала поинтензивно да ја практикува верата, па почнала и да носи хиџаб.

„Постојат разлики меѓу мене и моите родители“, отворено признава. „Би рекла дека јас ја практикувам религијата поортодоксно од нив.“

Не е изолиран случај

Нејзината приказна е далеку од осамена. Дел од нејзината генерација сè повеќе се свртува кон религијата, често на порадикален или повидлив начин. Без разлика дали се муслимани, католици или Евреи, младите во значителна мера повторно се враќаат во верски храмови, отворено ги покажуваат своите уверувања и носат верски симболи што постарите генерации ги беа отфрлиле.

Фото: ЕПА

Во едно општество и свет што тежнеат кон секуларизација, дел од младите луѓе решаваат да тргнат во спротивната насока, забележуваат социолозите и верските водачи. Овој тренд отвори многу прашања во Франција, земја позната по својата силна приврзаност кон секуларизмот.

„Од почетокот на 2020-тите кај младите се забележува обновен интерес за религијата“, вели Шарл Мерсје, вонреден професор по современа историја на Универзитетот во Бордо. „Генерацијата З се изјаснува како порелигиозна од претходните генерации. Тој тренд расте со секоја нова генерација, а младите спаѓаат меѓу најпобожните – дури и попобожни од просекот во француското општество.“

„Потрага по смисла“

Ибрахим (27), асистент во настава во приватно католичко училиште во Стразбур, кој исто така не сакал да го открие презимето, има татко муслиман и католичка мајка. И тој долго време покажувал мал интерес за религијата. Но на 18 години повторно ѝ се вратил, соочен со сè поинтензивни егзистенцијални прашања.

„Се случи постепено, преку средби и разговори, а потоа еден ден видов еден кроток имам, чии размислувања одеднаш ми добија смисла“, се присетува тој.

Денес, како што сам признава, религијата е „најважниот дел од неговиот живот“. Неговата верска практика со текот на времето се продлабочила и настојува секојдневно да се моли во џамија. Пошироко гледано, објаснува, религијата му дава „смисла на животот“.

За истражувачите, оваа потрага по духовноста, забележлива уште од почетокот на векот, но особено интензивна во последните пет години, е поврзана со предизвиците со кои се соочуваат младите во еден свет што постојано се менува. Тие денешната околина ја доживуваат како „флуидна“, без јасни потпорни точки, што ја поттикнува потрагата по смисла.

„Начин да го организираш денот“

Актуелните настани, особено геополитичките и еколошките прашања, силно ги оптоваруваат младите.

„Младите зборуваат за климатските промени, економските тешкотии, но и за стравот дека конфликтите за кои мислевме дека одамна исчезнале би можеле повторно да избувнат. Така, идејата за војна влезе во нивните мисли“, вели Филип Портије, директор на студии на Практичната школа за високи студии (ЕПХЕ).

Во тој контекст, според Мерсје, „присуството на структура се доживува како противотров за флуидното општество. Строгоста ја враќа структурата. Се молиш во точно определено време, доброволно се подложуваш на рутина. Тоа е речиси аналогно на светот на спортот. Тоа е начин да го организираш денот, начин да најдеш смисла.“

Дон Алексис Жермон, свештеник во париските предградија, во последниве години забележува дека неговата црква ја посетуваат сè повеќе млади. „Времињата во кои живееме и стравот што го носат ги тераат луѓето да размислуваат. Нè наведуваат да се прашуваме за смислата на животот, за вечниот живот, за рајот. Што се случува по смртта?“, вели тој.

Потрагата по рутина, па и враќањето кон поголема строгост, ја објаснува токму со таа потрага по она што доаѓа потоа. „Сакаат да постапуваат правилно и прашуваат што треба или што не треба да прават – накратко, како да постапуваат за да го добијат вечниот живот.“

Фото: ЕПА

„Превртување на стигмата“

Кај младите Евреи, враќањето кон духовноста исто така е поттикнато од потрагата по идентитет, како директна последица на порастот на антисемитизмот во Франција од почетокот на војната во Газа. Рабинот Лоран Берос, во Сарсел (северно од Париз), сведочи дека младите повторно се враќаат во неговата синагога и во центрите за учење хебрејски јазик, кои претходно главно ги посетувале постарите генерации.

„Многумина ми велат: ‘Ние сме Французи повеќе од самите Французи, но луѓето се однесуваат кон нас како кон валкани Евреи’“, објаснува тој. „За другите тие секогаш ќе бидат Евреи, па подобро е навистина да знаат што значи тоа.“

И кај муслиманите потрагата по потврда на идентитетот е многу силна. „Тоа е рефлекс на самопотврдување, особено како одговор на однесувања што се доживуваат како дискриминаторски“, објаснува Мерсје. „Забраната на хиџабот и критиките што ја придружуваат, на пример, можат да ја поттикнат потребата човек јасно да се издвојува и тоа отворено да го покажува.“

Стигмата така станува симбол. „Тоа е навистина превртување на стигмата. Религиозноста и ортодоксната практика стануваат еден вид норма“, вели социологот Тарик Јилдиз.

Најат Бенали, генерален секретар на џамијата во Париз, нагласува: „Тоа не ги прави закана за Републиката. Младите што ја практикуваат верата едноставно се уморни од тоа што исламот се напаѓа од утро до мрак. Младите сè уште се развиваат; немаат иста отпорност како ние, постарите.“

Во француското општество, обележано со исламистички напади, афирмацијата на строга верска практика предизвикува загриженост. Ибрахим е свесен за тоа. „Постои таа фантазија за еден континуум: практикување вера – исламизам – џихад. Но тоа не е реалност. Секако, практикувањето вера не ве прави терорист; напротив, нашата религија нè учи на љубов и прифаќање на другите.“

Јилдиз настојува да успокои: „Нивото на религиозност не укажува нужно на неспособност да се живее денес во општеството. (…) Дали овие млади луѓе сакаат да се изолираат од остатокот од општеството? За тоа нема докази.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ