„Пораките на претседателката на Комисијата Фон дер Лаен се бришат автоматски по одреден временски период, чисто заради простор“, изјави вчера портпаролот на ЕК, Олоф Гил, додавајќи: „Во спротивно, телефонот би ѝ се запалил“.
Одговорот дојде откако еден новинар праша за СМС-пораката од францускиот претседател Емануел Макрон, во која тој барал Фон дер Лаен да го блокира трговскиот договор ЕУ-Меркосур. Откако Политико објави за пораката од 2024 година, европскиот омбудсман оваа недела потврди дека е покрената истрага за преписката, пренесува Индекс.
„Во согласност со внатрешните правила“
Комисијата тврди дека Фон дер Лаен постапила во согласност со внатрешните правила. Имено, употребата на пораки што исчезнуваат е препорачана во упатствата на Комисијата од 2022 година.
„Од една страна, тоа го намалува ризикот од протекување информации и нарушувања на безбедноста, што секако е важен фактор“, рече портпаролот на ЕК, Балаш Ујвари. „Постои и проблем со просторот на телефонот – значи, ефикасно користење на мобилниот уред.“
„Претседателката ги почитуваше овие внатрешни упатства и ја користи опцијата за пораки што исчезнуваат, што објаснува зошто не можевме да ги преземеме таквите СМС-пораки“, рече Ујвари, но додаде: „СМС-пораките можеби ќе треба да се регистрираат под одредени околности – на пример, ако има потреба од понатамошни дејствија, ако има административно или правно влијание.“
Одлука за бришење
Во случајот со пораката на Макрон, Комисијата процени дека таа не ги исполнувала критериумите за архивирање. Таа одлука ја донесе Бјорн Сајберт, моќниот шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лаен. „Тој беше еден од актерите вклучени во оваа дискусија“, потврди Ујвари. „Претседателката ги разгледа текстуалните пораки со шефот на нејзиниот кабинет и со надлежните служби во Комисијата.“
Ова не е прв пат комуникациските навики на претседателката на Комисијата да кренат прашина. Нејзините текстуални пораки со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл, во врска со договорите за вакцини против ковид-19, исто така никогаш не беа архивирани, што доведе до истрага на омбудсманот позната како „Фајзергејт“.






