Лиса Филипс, една од нив, откри дека група жртви почнале да составуваат доверлив список на соработници на Епстајн за кои велат дека биле вклучени во злоупотребата. „Ќе ги собереме имињата на сите што ги знаеме, а кои беа редовни во светот на Епстајн“, рече таа. „Ова ќе го прават преживеаните, за преживеаните“, додаде таа. Настанот го организираа американските пратеници, кои инсистираат да бидат објавени повеќе документи од истрагата за Епстајн.
За време на двочасовната прес-конференција вчера, девет жени детално ги опишаа своите искуства. Филипс го повика Министерството за правда да ги објави сите документи и информации, велејќи дека многу жртви се плашеле од последиците од тоа самите да се обратар во јавноста.
Нивниот адвокат додаде дека се плашат од тужби или напади затоа што никој не ги заштитил минатиот пат. Марина Ласерда, која проговори за прв пат, рече дека работела за Епстајн од четиринаесетгодишна до седумнаесетгодишна возраст, кога осрамотениот финансиер ја сметал за премногу стара.
„Бев една од десетиците девојки што ги познавам лично, кои беа принудени да одат во куќата на Џефри во Њујорк кога бевме само деца“, рече таа, видно потресена. „Една пријателка од соседството ми рече дека можам да заработам 300 долари ако измасирам друг маж. Мојата работа од соништата се претвори во мојот најлош кошмар“, рече таа.
Лиз Штајн, која ги тужеше Епстајн и Гислен Максвел, а сега работи како менторка на жртвите, изјави за Би-би-си дека зборувала на митингот за да ги „хуманизира преживеаните“ затоа што ѝ било преку глава да биде игнорирана. „Навистина е важно сите да запомниме дека ова е кривично дело. Тоа е кривично дело трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Ова не е политичко прашање, туку се политизира поради вклучените луѓе“, нагласи Штајн.
Ени Фармер (46) раскажа како била однесена во Ново Мексико на викенд со Епстајн кога имала шеснаесет години. Нејзината сестра исто така била таму и го пријавила злоставувањето, но никој не направил ништо. „Сè уште не знаеме зошто тој извештај не бил правилно истражен, или зошто на Епстајн и неговите соработници им било дозволено да повредат стотици, ако не и илјадници други девојки и млади жени“, рече таа.
Кога била прашана за односот меѓу Трамп и Епстајн, Шонте Дејвис рекла дека Епстајн најмногу се фалел дека е многу добар пријател со Доналд Трамп. „Тој имаше врамена слика од нив двајца на својата маса“, додаде таа. Сепак, ниту една од присутните жени не рече дека некогаш видела или слушнала дека Трамп направил нешто несоодветно.
Трамп тврди дека тој и Епстајн се разделиле во почетокот на 2000-тите, нарекувајќи го случајот „бесконечна демократска измама“. Додаде дека никој никогаш не е задоволен од објавените документи и дека целата приказна е само одвлекување на вниманието од неговиот мандат. „Навистина, мислам дека е доволно“, рече Трамп.
Завчера, Комитетот за надзор на Претставничкиот дом објави 33.000 страници и неколку видеа за случајот Епстајн, но поголем дел од материјалот веќе беше јавно достапен. Водечкиот демократ во комитетот, Роберт Гарсија, предупреди против тоа. „Немојте да ве залажува ова. По внимателно разгледување, откривме дека 97% од документите веќе се јавни. Нема споменување на никаков список на клиенти“, рече тој.
Објавувањето на документите следува по минатомесечното објавување интервју со Гислен Максвел, осудената соработничка на Епстајн, која во транскриптите изјави дека Трамп и Епстајн биле пријателски расположени, но не и блиски пријатели.
„Сторителите се заштитени затоа што се богати и моќни“
Во меѓувреме, републиканецот Томас Маси и демократот Ро Кана се обидуваат да изнудат гласање за да го принудат Министерството за правда да ги објави сите документи. За да го сторат тоа, потребна им е поддршка од 218 пратеници. „Срамно е што ова се нарекува измама. Ова не е измама“, рече Маси.
„Постојат вистински жртви, а сторителите се заштитени бидејќи се богати и моќни“, додаде тој. Белата куќа и републиканското раководство во Конгресот се противат на целосното објавување на документите, наведувајќи го потенцијалното нарушување на приватноста на невини луѓе.






