среда, 24 декември 2025

Жртва на Епстин ја опиша средбата со поранешниот принц Ендру на приватен остров

Една од жртвите на Џефри Епстин, Лиса Филипс, јавно проговори за моментот кога на приватниот остров на сега покојниот финансиер го запознала Ендру Маунтбатен-Виндзор, поранешен британски принц. Во разговор воден на денот на објавувањето на нова група документи поврзани со случајот, Филипс истакна дека разоткривањето на целосниот обем на злоделата на Епстин е клучно за заштита на идните генерации, пишува Скај њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Филипс се присетила на средбата со Епстин што се случила во 2000 година, кога работела како манекенка. Таа раскажа дека во тоа време работела на остров во близина на Сент Томас на Карибите и дека на еден ден го посетила островот на Епстин, каде што истата вечер го запознала на вечера.

„Му требаа неколку часа за да разговара со мене насамо на масата, во суштина поставувајќи ми многу прашања за мојот живот, мојот однос со семејството и моите амбиции“, изјави Филипс за американскиот дописник Џејмс Метјуз.

Според неа, Епстин „многу ги ценел“ нејзините цели, а особено се возбудил кога слушнал дека како дете живеела во англиски Оксфорд.

„Ме праша дали сакам да го запознаам принцот, а јас реков дека сакам“, раскажа таа. Набргу потоа, им пришол маж, кој ѝ бил претставен. По краток разговор со некои од присутните, се поздравил и си заминал.

„Беше многу кратко“, додаде таа, наведувајќи дека дури години подоцна сфатила дека станувало збор за поранешниот принц, Ендрју.

Во контекст на неодамна објавените списи, Филипс го коментираше и мејлот што, како што изгледа, покажува дека Ендрју Маунтбатен-Виндзор ја прашал Гислејн Максвел за „непригодни пријатели“.

„Тоа е многу разоткривачки мејл, нели? Многу е морничав, вознемирувачки, и мислам, затоа таа е во затвор, нели?“, изјави таа.

Контекстот на споменатиот мејл е нејасен и нема индикации за какво било кривично дело. Ендрју Маунтбатен-Виндзор претходно ги негираше сите обвинувања што му се ставаат на товар, а Скај њуз стапил во контакт со неговите претставници за коментар во врска со најновите објави.

На прашањето за влијанието што престојот во орбитата на Епстин го имал врз нејзиниот живот, Филипс одговори: „Не беше пријатно чувството да се знае дека толку многу нешта од моето минато, за кои напорно се трудев, биле дел од поголема мрежа.“

Осврнувајќи се на доцнењата во објавувањето на списите, таа изјави дека „навистина важните работи не се објавени“.

На крај порача дека нејзината борба, како и борбата на другите преживеани, за правда продолжува. „Сè уште го спроведуваме нашето истражување и и понатаму ќе им доставуваме на надлежните институции сè што ќе пронајдеме. И нема да се откажеме.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ