недела, 7 декември 2025

Жестоки борби во урнатините на Покровск

Борбите меѓу руските и украинските војници продолжуваат во урнатините на Покровск, транспортниот и логистички центар во источна Украина кој Москва се обидува да го освои повеќе од една година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украинската армија објави дека се водат жестоки борби во делот од градот, кој е клучен за логистиката на Киев на фронтовската линија. Наведува дека таму пристигнале дополнителни специјални сили, како и дека се испраќаат повеќе оружје и опрема.

Руското министерство за одбрана објави дека руските војници исчистиле 35 згради од украински војници. Исто така, соопшти дека руските сили го стеснуваат обрачот околу украинските единици во близина на градот Купјанск, во Харковскиот регион, околу 160 километри северно.

Ројтерс не можел да ги потврди извештаите за ситуацијата на фронтот. Киев негира дека неговите сили се опколени на која било од тие локации.

Иако мировните преговори за војната, која е веќе во четвртата година, сè уште се во застој, Русија ја има иницијативата на сите фронтови, иако не зазела ниту еден поголем град од заземањето на Авдеевка на почетокот на 2024 година. Украина, од друга страна, тврди дека борбите се претежно во ќорсокак и дека нејзините територијални загуби се минимални.

Украинскиот сајт Дип стејт, кој ја мапира линијата на фронтот врз основа на проверени извори и отворени податоци, покажува дека руските сили напредувале подлабоко во Покровск и неговата околина, иако поголемиот дел од областа е сè уште обележан со сива боја – како територија која не е цврсто контролирана од ниту една страна.

Пред војната Покровск имал околу 60.000 жители, но повеќето од цивилите одамна избегале.

Заземањето на Покровск, кој руските медиуми го нарекуваат „портата на Доњецк“, како и на Костантиновка на неговиот североисток, кој руските сили исто така се обидуваат да го опколат, би ѝ овозможило на Москва да напредува на север, кон двата најголеми града во регионот Доњецк кои сè уште се под украинска контрола – Краматорск и Славјанск.

Тоа исто така би ѝ го дало на Москва најзначајната територијална добивка во Украина од заземањето на разурнатиот град Авдеевка на почетокот на 2024 година.

Некои западни воени аналитичари, како Роб Ли, виш соработник во Американскиот институт за истражување на надворешната политика, веруваат дека заземањето на Покровск би претставувало важна победа за Русија, особено ако може да ја постигне до крајот на годината.

Рускиот воен блогер Рибар вчера објави дека руската контрола врз Покровск постепено се шири, но дека „целосното чистење на градот е сè уште далеку“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот призна дека Покровск е под силен притисок, но украинската војска соопшти дека руските трупи сè уште не ја презеле целосно контролата врз ниту еден округ на градот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ