понеделник, 15 декември 2025

Жесток руски напад врз пристаништето во Одеса, најмалку двајца загинати

Две лица загинаа, шест се повредени, меѓу кои двајца странци, во руски воздушен напад врз пристаништето Одеса, соопштија денеска украинските власти.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Речиси 90 отсто од извозот на Украина поминува низ пристаништето Одеса, вклучувајќи милиони тони жито и метали.

„Ракета Искандер денеска го погоди пристаниште во Одеса. За време на нападот на пристаништето работеле луѓе, истоварувајќи метал од странски брод што пловел под знамето на државата Свети Тома и Принципе“, објави украинскиот вицепремиер Олексиј Кулеба на Телеграм. Нападот оштети пристанишна инфраструктура, кранови, автомобили и магацини.

Кулеба соопшти дека загинале две лица, механичар и возач на камион. Шест лица се повредени, меѓу кои двајца сириски државјани и членови на екипажот на цивилен брод.

„Ова не е изолиран инцидент, туку дел од насочена руска кампања против украинската економија и земјоделство, како и против глобалната безбедност на храната и слободата на навигација“, објави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на Телеграм.

Русија редовно ја напаѓа украинската пристанишна инфраструктура и ги засили нападите откако Украина почна да извезува стока преку својот поморски коридор долж западниот брег на Црното Море. Москва тврди дека сака да ги спречи воените напори на Украина.

Коридорот беше воспоставен во август 2023 година откако пропадна договорот со Русија за извоз на жито преку Црното Море. Оттогаш, од Одеса се извезени 101 милион тони храна, вклучувајќи 78,5 милиони тони жито.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ