недела, 4 мај 2025

Жесток руски напад врз Киев, најмалку осум загинати, над 70 ранети (ВИДЕО)

Русија во текот на ноќта го гранатираше Киев со проектили и беспилотни летала, при што загинаа најмалку осум лица, повредени се повеќе од 70 и оштетени се згради во најголемиот напад на украинската престолнина оваа година, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нападот предизвика повеќе пожари, меѓу ранетите има шест деца, а некои луѓе сè уште се заробени под урнатините, соопштија официјални лица. „Тоа беше разорување. Потрагата по луѓе под урнатините продолжува“, напиша Државната служба за вонредни состојби на апликацијата за пораки Телеграм.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на социјалната мрежа Икс напиша дека „бруталните напади“ покажале дека Русија, а не Украина е пречката за мирот. Русија не го коментираше веднаш нападот.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека досега е потврдено дека загинале осум лица во главниот град на Украина, иако властите претходно соопштија дека има девет убиени, пренесе Ројтерс.

Најсериозниот инцидент се случи во станбена зграда што беше уништена во областа Свјатошински западно од центарот на градот.

Сликите објавени на Телеграм покажуваат спасувачки тимови што работат со рефлектори, внимателно се движат низ купиштата урнатини и се качуваат по скали што се протегаат по фасадите на зградите. Полицијата ѕвонела од стан во стан за да утврди дали жителите се безбедни.

Спасувачките екипи, соопшти Службата за вонредни ситуации, работат на 13 локации во главниот град на Украина, а избувнале 40 пожари.

„Се слушаат мобилни телефони како ѕвонат под урнатините. Потрагата ќе продолжи сè додека не биде јасно дека тие пронашле сè“, се вели во соопштението.

Пожари избувнале во гаражи, административни згради, а паднатите метални парчиња удирале во возила.

Предупредувањето за воздушен напад во главниот град на Украина беше во сила шест часа.

Ројтерс пишува дека нападот се случил во критичен момент од руската војна во Украина, која почна со инвазијата на Москва во 2022 година, при што и Киев и Москва се под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп да покажат напредок кон мировниот договор.

Нападнати и Харков и областа Житомир

Харков, вториот по големина град во Украина на североистокот, претрпе два брана руски ракетни напади во текот на ноќта, при што беа повредени две лица и скршени се прозорци, напиша градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм, пренесува Ројтерс.

Оштетувања има и во регионот Житомир, западно од Киев, каде што службите за итни случаи соопштија дека руските сили извршиле уште еден напад врз спасувачките тимови што се борат со пожарот, при што е повреден еден работник.

Украинската државна железница „Укрзализница“ соопшти дека била нападната железничката инфраструктура, а двајца железничари се повредени.

Во областите Киев и Харков, гранатирањето ја оштетило железницата и административни и технички згради, но возовите сообраќаат нормално.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ