сабота, 3 мај 2025

„Жена“ значи биолошка женка, пресуди британскиот Врховен суд

Британскиот Врховен суд едногласно одлучи дека поимите жена и пол во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат исклучиво на биолошки пол, а не на законски признат пол врз основа на полов идентитет, јавува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пресудата беше донесена во контекст на случајот изнесен пред судот од страна на шкотското здружение За жените Шкотска (For Women Scotland), кој се однесуваше на прашањето дали лице со сертификат за пол, кое официјално го променило својот пол, може да има пристап до правата и заштитата наменети исклучиво за жените.

Судот ја отфрли идејата дека полот може да се толкува како „сертификуван пол“, бидејќи, според судијата Лорд Хоџ, тоа ќе создаде хетерогени групи и ќе ја поткопа јасноста на Законот за еднаквост. Тој додаде дека ваквото толкување би било неконзистентно и нелогично, бидејќи Законот предвидува групна заштита врз основа на биолошкиот пол, како и за сменетиот пол, но ги третира како посебни категории.

Пресудата на 88 страници ја донесоа судиите лорд Хоџ, леди Роуз и леди Симлер. „Концептот на полот е бинарен, личноста е или машко или женско. Иако зборот биолошки не е експлицитно споменат, значењето и јазикот на Законот јасно укажуваат на биолошките карактеристики што го дефинираат полот“, образложија тие.

Судот, сепак, предупреди дека оваа одлука не треба да се толкува како победа на една социјална група над друга. „Предупредуваме оваа пресуда да не се чита како триумф за една или повеќе групи на сметка на други, тоа не е случај“, рече лорд Хоџ.

По пресудата, членовите и поддржувачите на За жените Шкотска славеа пред судот, скандирајќи дека правата на жените се човекови права, а имаше и прегратки и солзи. Една од насобраните ги нарече херои жените што го донесоа случајот до Врховниот суд.

Оваа одлука потенцијално има значителни последици за примената на Законот за еднаквост, особено во контекст на посебни простории и услуги наменети исклучиво за жени, како што се безбедни куќи, женски затвори и спортски натпревари. Ова потврдува дека правната заштита во овие контексти се однесува на лица од женски биолошки пол.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ