вторник, 9 декември 2025

Зет на албанска политичарка и неговиот брат се уапсени за шверцување кокаин од Јужна Америка

Клевис Хоќошмани (37) и неговиот 42-годишен брат Артур беа уапсени во саботата од страна на албанската единица за организиран криминал, поради наводна вмешаност во заговор за шверц на индустриски количини дрога од Јужна Америка во Британија и Европската Унија, објавува Дејли меил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хоќошмани е во роднинска врска со Кејда Ајази, ќерка на Мајлинда Брега, поранешната министерка за европска интеграција на Албанија, која по два мандати како генерален секретар на Советот за регионална соработка (РЦЦ) стана членка на Паневропската комисија за клима и здравје (ПЕЦЦХ), која беше основана од Светската здравствена организација (СЗО), во својство на комесарка.

Младиот пар е познат во Албанија по фалењето со својот луксузен животен стил на социјалните мрежи, вклучувајќи чести патувања во Лондон, Дубаи и Монако, каде што неодамна беа фотографирани во дизајнерска облека како излегуваат од луксузен автомобил.

Апсењето на Хоќошмани предизвика шпекулации во Албанија за вистинското потекло на богатството и парите.

Со тоа сега се занимаваат членови на албанската Специјална структура против корупција и организиран криминал (СПАК), која ја води истрагата што доведе до неговото апсење.

Албанското обвинителство тврди дека Хоќошмани и неговиот брат биле дел од голема меѓународна криминална група во која биле вклучени најмалку девет други лица.

Криминалната група била обвинета за шверц на дрога од Колумбија или Еквадор, која потоа била транспортирана по море и копно до Британија.

Обвинителството тврди дека тие стојат зад пратка од 250 килограми кокаин што била запленета во Франција во април 2020 година, наводно на пат кон Британија.

Кореспонденцијата на членовите на криминалната група на шифрираната платформа Скај/ЕЦЦ наводно открива како ужаснато реагирале кога сфатиле дека дрогата е запленета.

Хоќошмани има блиски врски со Велика Британија, а информациите од Регистарот на компании го поврзуваат со три компании во Борнмут.

Тој е заведен како директор на Кристал хенд кар вош, фирма основана во 2013 година, која се затворила во 2015 година. Тој е исто така поранешен директор на Барак роуд тајрс, продавница за гуми во Крајстчерч, која сега е во сопственост на друго лице.

Хоќошмани е сè уште директор на компанијата Опа кофи лимитед, регистрирана на празен објект веднаш до Централниот парк во центарот на Борнмут.

Тој има и криминално досие во Велика Британија, во 2014 година се изјаснил за виновен за напад врз жена и бил осуден на општествено корисна работа со обврска да плати отштета.

Неговиот брат Артур поседувал друга локална перална за автомобили, Ферндаун хенд кар вош“, каде што неодамна беа уапсени двајца мажи, Авганистанец и Ирачанец, поради прекршување на условите за кауција.

Според обвинителите, криминалната група набавувала кокаин од Колумбија или Еквадор. Дрогата наводно била испраќана во контејнери со брод до големи европски пристаништа како што се Антверпен во Белгија и Ротердам во Холандија, потоа по копно до Франција и преку тунелот под Ла Манш до Велика Британија.

Дрогата била скриена во дрвени палети, кутии со банани, вреќи со зрна какао, а во некои случаи и во пратки со дрво.

Групата наводно користела псевдоними и вршела парични трансакции преку системот Хавала, неформален начин за трансфер на пари преку доверливи посредници.

„Организациската структура на оваа криминална група, поврзана со неколку континенти и со 16 членови идентификувани досега, го покажува високото ниво на софистицираност на албанските криминални мрежи, нивните способности и досег на меѓународниот криминален пазар“, кажале обвинителите Алтин Думани и Аднанд Џоли.

Групата била опишана како хиерархиска, со водачи кои не само наредувале и финансирале шверц, туку и го надгледувале неговиот тек низ Европа, со соработници во земјите одредишта, вклучувајќи ја и Британија, а потоа ја дистрибуирале дрогата до локалните дилери.

Членовите на групата биле распространети низ Велика Британија, разни земји од Европската Унија, Дубаи и Обединетите Арапски Емирати. Обвинителството тврди дека им помагале царински службеници и пристанишни работници.

Еден од наводните членови, Ерион Алибеј, сега соработува со обвинителството. Тој на суд тврдел дека неговиот соработник бил претепан во Лондон откако исчезнале 50 килограми кокаин.

СПАК запленил луксузна јахта и возен парк автомобили, вклучувајќи мерцедес бенц АМГ Г63, фолксваген голф 7 и фолксваген шаран.

Исто така, биле конфискувани два луксузни часовници, 16 мобилни телефони, 19 банкарски картички и три пиштоли со рамки и куршуми.

Уапсените мажи покрај браќата Хоќошмани се Пларент Дервиши и Ерион Алибеј. Тие се појавиле на суд следниот ден, а судијата Ерион Бани го одобрил барањето на обвинителството да останат во притвор до почетокот на судењето.

Уште двајца мажи – Елидон Скендај и Илир Љоши се уште се во бегство.

Албанското обвинителство изјави дека нивната истрага е поддржана од полицијата на Велика Британија и Европската Унија.

„Оваа успешна истрага предводена од СПАК е резултат на тесна меѓуинституционална и меѓународна соработка, особено со Еуропол, Еуроџаст, агенциите на земјите-членки на ЕУ и партнерските полициски сили на Обединетото Кралство, кои обезбедија поддршка преку детална анализа на податоци и ефикасна меѓународна координација“.

„Вредноста на материјалот добиен од анализата на дешифрираните податоци од системот Скај/ЕЦЦ беше клучна за дополнување на доказите собрани за време на истрагата и останува вредна за постигнување на релевантните резултати“.

„Оваа информација беше клучна за идентификување на сериозни кривични дела, осомничени и утврдување на нивната улога во оваа структурирана криминална група“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ