сабота, 6 декември 2025

Земјоделците и денес ги блокираат патиштата во Грција, протестите се шират низ целата земја

Протестите на незадоволните грчки земјоделци поради доцнењето на исплатата на субвенциите од Европската Унија денес се проширија и во областа на Солун, каде што колони трактори стигнаа до наплатната рампа Малгара и го блокираа сообраќајот на националниот автопат кон Атина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата првично го затвори влезот на автопатот кај клучката Малгара и не им дозволи на трактори да поминат, но подоцна конвојот, со полициска придружба, стигна до наплатната рампа и постави блокада, објави грчкиот канал ЕРТ.

Околу 11:20 часот наутро, насоката кон Атина беше затворена, а набргу потоа и двата правци на националниот пат.

Во исто време, има голема мобилизација меѓу земјоделците во источен Солун, кои најавија дека ќе им се придружат на своите колеги од Халкидики во заедничка блокада в среда.

Во меѓувреме, земјоделците низ целата земја ги блокираа клучните национални патишта во знак на протест поради, како што велат, високите трошоци за производство, ниските откупни цени и доцнењата во државните плаќања, објави Еуроњуз.

На автопатот Атина-Солун, во областа Лариса, блокадата целосно го запре сообраќајот во текот на целиот ден, додека полицијата ги пренасочуваше возилата кон алтернативни патишта.

Земјоделските здруженија најавија дека доколку нивните барања не бидат исполнети, протестите ќе бидат проширени.

Во неделата, за време на првиот ден од протестите на грчките земјоделци во централните и северните делови на земјата поради доцнење во исплатата на субвенциите од ЕУ, тројца земјоделци беа уапсени во судири со полицијата, додека четири лица беа повредени – двајца земјоделци и двајца полицајци, објавија грчките медиуми.

Стотици земјоделци излегоа на улиците вчера, блокирајќи патишта со своите трактори во неколку области во знак на протест против конзервативната влада поради проценетиот недостиг од 600 милиони евра во помошта од ЕУ и други исплати.

Доцнењата во исплатите доаѓаат во време на истраги за скандал во кој некои земјоделци наводно фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од ЕУ. Блокадите беа дополнително заострени откако неколку лица беа уапсени минатата недела како дел од истрагата за измама од повеќе милиони евра поврзана со земјоделски субвенции платени од грчката ОПЕКЕПЕ, телото одговорно за распределба на средствата од ЕУ.

Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) соопшти дека прелиминарната истрага открила дека 324 лица добиле вкупно 19,6 милиони евра нелегални субвенции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ