Земјите од Европската Унија остануваат поделени околу целите за климатските промени што треба да се постигнат до 2040 година пред конференцијата КОП30 на Обединетите нации и сè уште дебатираат за ова прашање само неколку дена пред министрите на ЕУ да ги одобрат целите, според дипломатите и документите на ЕУ што ги видел Ројтерс.
Амбасадорите на ЕУ што се состанаа во Брисел за да ги постават темелите за договор за климата денеска не успеаја да ги решат клучните пречки, рекле дипломатите, оставајќи ги финалните разговори за министерскиот состанок на 4 ноември.
„Министрите ќе мора да работат напорно во вторник“, рече дипломат од ЕУ.
За целите за климатските промени е потребна поддршка од најмалку 15 од 27-те земји-членки на ЕУ за да бидат одобрени. Земји како Италија и Полска предупредија дека предложената цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 90 проценти до 2040 година е премногу рестриктивна, додека други, вклучувајќи ги Шпанија и Шведска, сакаат амбициозни намалувања на емисиите.
Агенцијата вели дека Европската комисија (ЕК) има цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 90 проценти до 2040 година.
Се истакнува дека неуспехот да се постигне договор за борбата против климатските промени би значело дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лаен, нема да може да ги презентира целите на ЕУ во борбата кога ќе се сретне со други светски лидери на самитот на ОН за климата КОП30, кој започнува на 6 ноември.
Некои земји, вклучувајќи ги Кина, Велика Британија и Австралија, веќе ги објавија своите нови цели за борба против климатските промени, додека ЕУ го пропушти рокот на ОН за тоа минатиот месец поради внатрешни несогласувања.






