Квалификувано мнозинство земји членки на Европската Унија денеска го одобрија долгоочекуваниот трговски договор на Унијата со јужноамериканскиот блок Меркосур, изјавија четворица дипломати на Европската Унија, пренесе Политико.
Франција, Полска, Австрија, Ирска и Унгарија се изјаснија против, додека Белгија беше воздржана. Италија гласаше „за“, откако минатиот месец изнуди одложување.
Главните градови на земјите од Европската Унија сега имаат рок денеска до 17 часот за да поднесат евентуални приговори и формално да го потврдат гласањето. Оваа таканаречена писмена постапка му дава политичка поддршка на неформалното одобрување што го дадоа амбасадорите со седиште во Брисел.
Дополнителните заштитни механизми за земјоделскиот пазар, кои би се активирале доколку дојде до нагло зголемување на увозот од Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, исто така добија одобрување од амбасадорите на Европската Унија, рекле дипломатите, под услов да останат анонимни.
Договорот меѓу Европската Унија и Меркосур треба да создаде најголема зона на слободна трговија во светот, која ќе опфати околу 700 милиони луѓе. Од перспектива на Брисел, договорот претставува голема геополитичка победа во контекст на растечкиот удел на Кина во трговијата и влијанието во Латинска Америка.
Во време кога американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги засилува царините кон остатокот од светот, договорот доаѓа и во момент кога и Европа и земји како Бразил бараат поголема извесност. Европските сектори што се очекува да имаат корист од намалувањето на царините ги вклучуваат автомобилската индустрија, авијацијата, машиноградбата и земјоделските извозни производи како виното и сирењето.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, следната недела треба да отпатува во Парагвај за да го потпише договорот.
Портпаролот на Комисијата, Олоф Гил, не ги потврди патните планови на Фон дер Лаен на прес-конференција во петокот. „Во моментов сме фокусирани на постапките што се одвиваат во Советот на Европската Унија. Со следните чекори ќе се занимаваме откако тие ќе бидат завршени“, рече тој.
Откако договорот ќе биде потпишан од Фон дер Лаен и нејзините партнери од Меркосур, текстот ќе оди на гласање во Европскиот парламент. Некои делови од договорот што одат подалеку од трговската политика ќе треба да бидат изгласани и во националните парламенти на земјите од Европската Унија.
Договорот меѓу Европската Унија и Меркосур е во изработка веќе 25 години и помина низ мачни преговори. Во 2025 година, Европската Унија го измени договорот за да издвои милијарди евра поддршка за земјоделците, кои стравуваат од увозот од јужноамериканскиот пазар.






