Помош пред тешката зима
Владата подготвува низа мерки за ублажување на економскиот притисок врз граѓаните додека земјата влегува во уште една тешка зимска сезона со руски напади. Планот вклучува еднократна исплата од 1.000 гривни (околу 24 евра) за сите граѓани, 3.000 километри бесплатно патување со воз во Украина надвор од сезона и дополнителни 6.500 гривни (околу 154 евра) за најранливите групи, како што се внатрешно раселените лица и семејствата со ниски приходи.
Но, критичарите се прашуваат дали има смисла таквото трошење државни пари додека војната сè уште трае. „Нема финансиска логика да се даваат 1.000 гривни на секој граѓанин без оглед на околностите, наместо да се помага на оние на кои навистина им е потребна помош“, вели Володимир Ланда, раководител на одделот за проценка на инвестициите во Советот за економска безбедност на Украина.
Државниот буџет под товар
Според проценките од државниот буџет за програмата би биле издвоени најмалку 450 милиони долари. Владата даде спротивставени податоци за бројот на граѓани кои би можеле да побараат исплата – премиерот споменува 10 милиони, додека другите министри наведуваат 15 милиони.
Во посебно соопштение владата објави и 4,4 милијарди гривни (околу 104 милиони долари) за исплата на помош од 6.500 гривни на најранливите. Сè уште не е познато колку ќе чини бесплатното патување со воз.
„Сите државни приходи одат за финансирање на војната, а буџетот се одржува благодарение на странските партнери, кои нема да бидат задоволни ако Киев ги троши своите средства на овој начин“, предупреди Ланда. „Ова не е ефикасен начин за трошење пари. Само на оние на кои навистина им е потребна помош треба да им се помогне“.
Минатогодишното искуство и падот на довербата
Слична програма беше имплементирана минатата година, кога повеќе од 14 милиони Украинци аплицираа за исплата од 1.000 гривни – значително повеќе отколку што планираше владата, потсети Ланда.
Пакетот доаѓа во време кога Украинците очекуваат тешка зима со можни прекини на електричната енергија и нови руски напади врз енергетската инфраструктура. Стапката на сиромаштија во земјата се искачи на 37 проценти. Во исто време, незадоволството на јавноста расте поради слабите подготовки за одбрана на енергетскиот систем.
„Ова е катастрофален популизам“, вели претставникот на партијата Холос Јарослав Железњак, оценувајќи дека владата се обидува да ја врати популарноста.
„Владата гледа кон изборите, а не кон бојното поле“
Сличен став изрази и Евген Махда, извршен директор на Институтот за светска политика, кој тврди дека владата е повеќе загрижена за изборите отколку за војната. „Наместо да се фокусира на фронтот, каде што се водат тешки борби во близина на Покровск, владата размислува за изборите кои се сè уште далеку“, кажа Махда.
Премиерката Јулија Свириденко ги отфрли обвинувањата за популизам на брифингот на 3 ноември, велејќи дека владата го гледа пакетот како мерка за поддршка на граѓаните во текот на зимата. Таа додаде дека граѓаните можат да ги донираат добиените пари на оружените сили, наместо да ги трошат за комунални услуги или други трошоци.
Само 4 проценти од парите завршиле кај армијата
Според владини податоци, само 4 проценти од корисниците ја донирале уплатата на војската. Мнозинството, 63 проценти, ги потрошиле парите за комунални услуги, а 17 проценти за сметки за мобилни телефони. Свириденко најави и дополнителна државна субвенција за украинските железници во износ од 16 милијарди гривни (околу 380 милиони долари) следната година.
„Владата обезбедува финансиска поддршка на државните железници во овој тежок период, па граѓаните треба да добијат нешто за возврат“, кажа Свириденко, објаснувајќи ја програмата за бесплатни 3.000 километри патување.
„Ако кажат дека не чини ништо, тоа значи дека не сметале“
Според неа, програмата ќе пополни до 250.000 места месечно кои инаку би останале празни, па наводно нема да создаде дополнителни трошоци. Но, Ланда предупредува дека нема јасни детали за имплементацијата, на пример што точно значи „надвор од сезона“. „Кога велат дека нема да чини ништо, тоа значи дека не ги пресметале трошоците – ќе ги дознаат подоцна“, кажа тој.
„Би било поефикасно да се субвенционираат патувањата за посиромашните граѓани отколку да се дадат исти бенефиции на сите“, заклучи Ланда.






